Во Синеплекс пристига нераскажаната приказна за Шабан Бајрамовиќ – од Ниш до Њу Орлеанс

Во текот на шеесетите и седумдесеттите, статусот на Шабан меѓу Ромите може да се спореди со оној на Џејмс Браун кај Афроамериканците


Тој е Шабан Бајрамовиќ, или Шале, цар и крал на ромската музика, чие што музичко патување низ животните тешкотии до меѓународно признавање е инспиративно. Од циганското мало во Ниш, до своја поставка во најпознатиот светски џез музеј во Њу Орлеанс, САД. Сега и на филм, во режија и по сценарио на д-р Жељко Мирковиќ, режисер, продуцент и универзитетски професор. Едночасовната, нераскажана приказна за Бајрамовиќ, кој заработи милиони и потроши сѐ, кој не бараше Слава, а стана Легенда, Крал и Цар, кој низ Животот го водеа Љубовта и Слободата и пееше за Животот како што му е Пишано, од четврток (10 април), доаѓа на репертоарот на Синеплекс во Скопје. 

Денес, на затворена проекција, новинарите ја имаа ексклузивната можност да го видат филмот кој се снимаше десет години, и во кој за Шале зборуваат и музичките величини како Горан Бреговиќ, Зоран Предин, Дарко Рундек и кралицата на ромската песна, Есма Реџепова, но и неговите најблиски соработници и членови на семејството. Овој филм, ја доживеа светската премиера на престижниот Нишвил џез фестивал, во август, 2024. За шест месеци прикажување, филмот освои награди на фестивали во Њујорк, САД, Калкута во Индија и во Кент, Англија.

Филмот се одликува со длабока емотивност, социјална чувствителност и автентичен пристап кон раскажувањето на оваа и инспиративна приказна за ромскиот Одисеј, кој повеќе од парите и славата, ја сакаше слободата, кој мразеше музички и животни правила, кој правеше пари преку ноќ, и ги губеше на коцка преку ноќ. Тој „работеше на Небото“, а живееше на Земјата“, како што кажаа во филмот, неговите пријатели. 

Тој почина во 2008 година, на 72 години, остави зад себе сопруга, и четири ќерки, и огромно музичко наследство  кое се „запечати“ со изложбата посветена на неговиот живот и дело во Њу Орлеанс, во најпознатиот светски џез музеј. Според магазинот „Тајм“, Шабан Бајрамовиќ беше еден од десетте најголеми блуз пејачи во светот, а кралот на ромската музика, како што го нарекуваат, вечно се најде во друштво на легенди како Луис Армстронг, Реј Чарлс, Џејмс Браун…

„Потопете се во волшебниот свет на Шабан Бајрамовиќ во џез-музејот во Њу Орлеанс. Затворен во младоста, тој најде утеха во мелодиите на џезот, блузот и фламенкото, трансформирајќи го својот живот преку моќта на музиката. Искусете ги звуците на иконските песни на Шабан, вклучувајќи ја и познатата химна „Џелем, Џелем“, која стана гласот на Ромите ширум светот“, со овие зборови  беше најавена изложбата во Њу Орлеанс.

Оригиналната статуетка со името на Шабан Бајрамовиќ што Џез-фестивалот во Нешвил им ја доделува на изведувачите за најдобра фузија на џезот со други жанрови, ги добија и имиња како што се Соломон Барк, Блуз Брадерс, Ал Ди Меола и Кенди Далфер.

 

За Бајрамовиќ, по повод неговата смрт во 2008 година, пишуваше и Гарт Картрајт, музичкиот критичар на „Гардијан“, кога рече дека „кралот на Ромите“ е еден од највлијателните музичари во регионот од Втората светска војна. Како што изјави понатаму, во текот на шеесетите и седумдесеттите, статусот на Шабан меѓу Ромите може да се спореди со оној на Џејмс Браун кај Афроамериканците.

„Тоа е статус на музичар кој му даде глас на својата заедница. Неговиот извонреден тенор го отелотвори ромското искуство како ниеден друг. Тој спои различни влијанија, вклучително и џез и маријачи, во музика која стана популарна не само во Југославија, туку и пошироко, пеејќи и за претседателот Тито и за индиската премиерка Индира Ганди“, напиша Картрајт.

Првата плоча на Шабан е направена во 1964 година и дека за време на неговиот живот снимил дваесет албуми и педесетина синглови, а во исто време компонирал повеќе од 700 песни. Повеќе од дваесет години беше на чело на групата „Црна мамба“ со која беше на турнеја низ светот, а на покана на Нехру и Индира Ганди престојуваше во Индија, каде што беше прогласен за крал на светската ромска музика. 

Л. Сабит