Во СДСМ почна итна постапка за исклучување од партијата на Јован Деспотовски
СДСМ денеска во соопштение го обвини Јован Деспотовски дека е петтоколонаш, предавник одвнатре кој сака да ја ослаби партијата преку медиумска кампања.
„Целата акција е спроведена поради вртоглавиот пад на поддршката од граѓаните за коалицијата ВМРО-ЗНАМ, откако на виделина излегоа тајните планови за ‘мигранти за пари’, изолацијата на Македонија и криминалните активности што ги објави нашиот партиски АКТ.
Јован Деспотовски беше противкандидат на актуелниот претседател и загуби на внатрепартиските избори, а сега, од лични и финансиски интереси, ја урива партијата одвнатре, соработувајќи со сили што претставуваат современ еквивалент на фашистичките окупатори.
Имавме можност и во не така далечното минато да видиме дека некои членови ја напуштија идеологијата на СДСМ, ја формираа ЗНАМ и се приклучија кон предавничката влада на ВМРО, која е подготвена да ја продаде иднината на Македонија во проектот ‘мигранти за пари’“.
СДСМ тврди дека Јован Деспотовски им се приклучил на овие структури заради лични амбиции и фрустрации – продаде сè што претставува СДСМ, ги предаде сите нас, членовите на СДСМ.
„За неговото однесување додека беше на функција сведочеа многу членови на СДСМ. Сега целосно го покажа своето вистинско лице.
Поради тоа, овој случај го доставуваме до надлежните органи на СДСМ, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ со барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата“.