Во РЕК Битола утрово исклучен од мрежа Блок 3


Во РЕК Битола во тек се подготовки за претстојната грејна сезона. Се испитува стабилноста и доверливоста на постројките по извршените ремонти на ТЕ Битола 2 и ТЕ Битола 3. На ТЕ Битола 1, соопштија денеска од РЕК Битола, годинава воопшто не бил извршен ремонт, така што и врз таа постројка се во план дополнителни интервенции во пресрет на зимата.

– Согласно овие синхронизирани активности, утрово од мрежа беше исклучен Блок 3, а во тек се операции за вклучување на Блок 2. Се очекува постројката да биде синхронизирана со македонската електроенергетска мрежа околу 15 часот, соопшти РЕК Битола.

Според годишниот план за производство на АД ЕСМ, се наведува во соопштението, предвидено е во овој период, РЕК Битола да работи со еден блок, додека се во тек процесите за консолидација на комбинатот и нормализација на состојбите во рудникот Суводол.