Во првото полугодие на фирмите им биле вратени 206 милиони евра ДДВ
Во првото полугодие од 2020 година извршен е поврат на ДДВ кон фирмите од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра, што е за 6 отсто повеќе во однос на лани или за 660 милиони денари повеќе. Ова највисок поврат на ДДВ за овој период во изминатите години, што е значајно особено ако се земе предвид КОВИД-19 кризата, соопштија од Министерството за финансии.
„Споредбено со претходните две години, повратот е значително повисок. Така ако се спореди првото полугодие од 2020 со истиот период во 2018, повратот е повисок за 26 отсто отсто, додека во споредба со 2017 повратот е повисок за високи 44 отсто, велат од Министерството.
Од таму оценуваат дека повратот на ДДВ кон фирмите во услови на КОВИД-19 кризата е од големо значење, заради зачувување на ликвидноста на стопанството, а со тоа и поттикнување и поддршка на економската активност.
Министерката за финансии Нина Ангеловска, вчера, презентирајќи го извршувањето на буџетот за првото полугодие од 2020, истакна дека приоритет за Министерството е да ги сервисира сите свои обврски редовно и навремено.
-Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови: вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на ДДВ кон фирмите. Тука се и мерките за КОВИД, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционираните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња- рече Ангеловска.
Инаку, минатата 2019 година, фирмите добија поврат на ДДВ од 402 милиони евра или за 7,5 отсто повеќе во однос на 2018 година или дури 44 отсто повеќе во однос на 2016 година, се вели во соопштението до медиумите од Министерството за финансии.