Во престрелка во Белград ранети две лица, од кои едниот е 21-годишен македонски државјанин


Две лица се ранети во претрелка која се случи синоќа во Белград, на Врачар, од кои едното лице е 21-годишниот македонски државјанин Д.Л. за кој медиумите пишуваат дека бил случајно ранет, јави дописникот на МИА од Белград.

По престрелката полицијата затекла едно повредено лице на улицата „Максим Горки“, и второ повредено лице на блиската улица „Новопазарска“, кои биле пренесени во Ургентниот центар.

И додека за првото лице А.П (26) кое е повредено со два проектила во ногата, медиумите соопштија дека има криминално досие со 12 кривични пријави поради наркотици, оружје и разбојништво, за македонскиот државјанин Д.Л (21) кој е повреден во грбот, пишуваат дека најверојатно е случајна жртва.

-Ранетиот Д.Л.,  негов пријател го одвлечкал до влез во соседната улица „Новопазарска“. Таму го тргнал и повикал полиција и брза помош. Тој и ранетиот другар се движеле од „Његошева“ кон улицата „Максим Горки“, кога пред позната обложувалница дошло до пукање. Кога неговиот пријател некако го донесол до влезот, тој одеше и од болка се фаќаше за главата, изјави соговорникот за порталот Мондо.

Набрзо пристигнале Брзата помош и полицијата, а кога ранетиот македонски државјанин бил внесен во автомобилот, на грбот биле видливи две крвави рани од куршуми.

Истрагата треба да утврди дали македонскиот државјанин е случајно ранет.

Полицијата по тричасовна потера успеа да го приведе напаѓачот.