Во ноември нова стратегија за регионален развој

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски го отвори форумот на кој беа презентирани Студиите за економските карактеристики на планските региони, за регионалниот развој, како и за поддршка на малите и средни претпријатија и претприемништвото.

Тој, како што соопштуваат од Министерството за локална самоуправа, истакнал дека креираат нова Стратегија за регионален развој што ќе го детерминира развојот на планските региони во наредните 10 години.

– Евалуацијата на претходниот стратешки документ покажа дека целите не се остварени од различни причини. Целта е да подготвиме реален документ кој ќе  придонесе кон намалување на развојните разлики меѓу планските региони, посочи министерот Милевски.

Тој додаде дека се подготвени секторски анализи за сите области, меѓу кои и експертски анализи за економските карактеристики на планските региони и за поддршката на малите и средните претпријатија и на претприемништвото, од кои се очекуваат препораки за побрз и порамномерен развој.

– Стратегијата ќе биде подготвена до ноември, но важно е да се користат реални податоци и затоа по објавувањето на резултатите од претстојниот попис следната година, стратегијата ќе биде ревидирана, рече Милевски.

Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски потенцираше дека регионалниот развој и децентрализацијата се исклучително важни и во контекст на европските перспективи на земјата.

– Само со силни општини и со региони со воедначени развојни ресурси може да се забрза процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија и да се подобри животниот стандард на граѓаните, рече Димитровски.