Во нацрт-резолуцијата на УНЕСКО Охридскиот регион ставен на листата загрозени светски наследства


Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации (УНЕСКО) во последниот нацрт-извештај пред одржувањето на конференцијата на организацијата идниот месец во Азербејџан препорачува природното и културното наследство на Охридскиот регион да биде ставено на листата загрозени светски наследства. Барањето на организацијата е последица на недоволниот капацитет на институциите во државата да се справат со проблемите, како и постојаните закани кон заштитеното подрачје преку големите инфраструктурни и развојни проекти.

УНЕСКО констатира дека Охридскиот регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.

Во нацрт-извештајот на УНЕСКО што ќе биде разгледуван на претстојната 43-та Конференција на Комитетот за светско наследство што ќе се одржува во Баку се бара од државата да воспостави целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување.

Потоа се бара од властите да направат проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.

Како предуслов за одржување на статусот заштитеното подрачје од УНЕСКО се инсистира имплементирање на сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година.

Она што се бара од државата е во консултација со Комитетот за светско наследство, да направи предлог за посакуваната состојба на Конзервација за отстранување на подрачјето од Листата на загрозено светско наследство и сет корективни мерки, вклучувајќи временска рамка за нивна имплементација. Тие мерки би биле разгледувани на конференцијата на Комитетот за светско наследство наредната година. Истовремено се бара од државата до 1 февруари 2020 да достави дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.

УНЕСКО во извештајот со жалење констатира дека малку е направено за имплементација на приоритетните препораки на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО од 2017 година. Се поздравува запирањето на плановите за изградба на нов магистрален пат преку Галичица и ски-центар на планината, но сметаат дека тоа не е доволно за значително намалување на ранливоста на подрачјето.

Со забележува дека државата не го информира редовно Комитетот за светско наследство за проектите и активностите што се предвидуваат и реализираат во заштитеното подрачје и дека со голема загриженост ја следат најавата за продолжување на првично зацртаната траса на железничкиот коридор осум, спротивно барањето на Комитетот за алтернативно решение надвор од заштитените подрачја. Исто така, УНЕСКО има забелешки и на трасата од автопатот А2 предвиден да ги поврзува Требеништа и Струга, со барање државата итно да пронајде друго решение за проектот.