Во март едно лице починало од СИДА, а регистрирани се три случаи потврдени на ХИB

Во текот на месец март, пријавени се три случаи потврдени на ХИВ и еден случај на СИДА, сите од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20-39 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА. Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи, заклучно со 31 март, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Р. Северна Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 698, а од нив 132 лица починале, а 562 лица живеат со ХИВ/СИДА (4 лица се со непознат исход). Како што информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), регистрирани се 4 случаи на вирусен хепатитис Б кои според возраста не подлежат на имунизација согласно Kалендарот за задолжителна имунизација во РСМ и не се вакцинирани против овие болести.
„Пријавени се и три случаи на пневмококни инфекции, од нив две лица се возрасни (припаѓаат во возрасна група 50-65 години), а едно лице е дете на возраст од 8 години. Трите случаи се со дијагноза на пневмококен менингит. Ниту едно од заболените не е вакцинирано со вакцина против пневмококна инфекција“, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции (без ХИВ/СИДА) се регистрирани 11 заболени лица – пријавени се 4 случаи на вирусен хепатитис Б, три случаи на сифилис, два случаи на инфекција со хламидија и по еден случај на Хепатитис Ц и гонореја.
„Во текот на март, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 309 пријавени лица. Тие во вкупниот број на заболени во месецот учествуваат со 50,8 отсто, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 52 отсто“, наведено е во извештајот на ИЈЗ.