Во Македонија дошле 6 милијарди долари руски пари преку илегални канали и локални олигарси

Македонија последните години е изложена на многу силно руско пропагандно влијание. Руската амбасада во Македонија има најмногу интеракции во регионот


Фото: Б. Грданоски

 

Дури 6 милијарди долари од  руски извори се слеале прикриено и илегално во македонските финансиски текови од 2000 до 2020 година, тврди Центарот за проучување на демократијата од Софија, во својата најнова анализа за ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа од страна на Москва.

Според анализата Македонија последните години е изложена на многу силно руско пропагандно влијание, а тоа е потпомогнато од илегално внесување руски пари преку политички партии, социјални групи и влијателни поединци преку кои Москва влијае и на политичките одлуки во државата.

Иако податоците од анализата покажуваат дека Русија најмногу ја проширила својата мрежа во Македонија, одекот сепак е помал отколку во Србија и во Бугарија, земји што се посочени како главни носители на руската пропаганда и спроведувачи на руското влијание во регионот. Бројкит сепак загрижуваат бидејќи покажуваат дека, наспроти европскиот просек од 3,6 отсто од БДП инфилтрирани руски пари во европските финансиски текови и економија, во Македонија тој процент изнесува 6 отсто од БДП за периодот од 2000-та до 2020 година. Исто така бројките покажуваат дека во Македонија најмногу од сите земји во Југоисточна Европа (Западен Балкан плус Хрватска и Бугарија) се објавени постови и се регистрирани интеракции од страна на руската амбасада на Фејсбук профилот минатата година, а одѕивот бил  173.000 интеракции, наспроти еден милион и 889.000 интеракции на слични активности на руската амбасада во Софија, а само 20.000 во Србија, која пак кај нас се перцепира како најмногу изложена на руско влијание.

 

Од Центарот за проучување на демократијата оценуваат дека поради оваа состојба во ЈИЕ, одредени политички лидери во регионот треба да бидат повикани на одговорност за нивната отворена или индиректна поддршка за надворешните авторитарни влијанија  и за приливот на корозивен руски капитал. Од Центарот исто така ја повикуваат ЕУ да ја ангажира директно во регионот Европската управа за спречување на перење пари и, паралелно со европска помош да помогне регионот да се одвои од ваквите корозивни олигархиски мрежи кои, заради лични интереси го туркаат во автократија и нестабилност, пред се преку посилен скрининг на инвестициите од надвор. Во превод тоа би значело поголем мониторинг на сопственичката структура на компаниите што доаѓаат во регионот и поголема контрола на тендерите, со што ќе се завртат вентилите за илегални испрани пари од руски но и секакви извори.

Причината за тоа е многу очигледна – според анализата, Југоисточна Европа по санкциите што ги спроведе ЕУ кон Русија, стана најранливиот регион  во Европа од хибридната војна на Русија, која според проценките продолжува да го користи економското влијание за да ги поткопа националните политики на земјите. Олеснителна околност за Русија притоа, според анализата, е институционалната слабост и заробеноста на државите, што го прави лесен приливот на илегални пари со кои се поттикнува криминално однесување, корупција,  се намалуваат шансите за развој , се еродира правосудниот систем  и се урива довербата во системот и во институциите. Со тие пари се создаваат моќни мрежи на влијание  кои служат на малигните локални или надворешни интереси.

Проценките на Центарот за проучување на демократијата, притоа, се дека во 2022 година  Русија контролирала 277 милијарди инвестирани во акции само во ЕУ , но вистинските бројки се сметаат за многу поголеми. Тие сретства доаѓаат главно преку офшор дестинации како Кипар, Девствените острови, Ирска , Луксембург и Холандија и зад тие офшор фирми се кријат вистинските сопственици на парите, што значи дека е можно  некои од милијардите на нашите олигарси да се всушност руски пари на кои тие само им обезбедуваат пристап и покритие во Македонија, секако за некој процент.

 Исто така се проценува дека руските корпоративни сретства достигнале 600 милијарди евра на кракот на 2021 година во Европа, при што мала е можноста штетното влијание на тие пари да не е присутно и во Македонија. Со санкциите што ги спроведе ЕУ кон Русија по инвазијата на Украина ставен е крај на рускиот монопол на енергенси  и е ограничен просторот за работа на ваквите корпоративни мрежи  преку кои се вршеле политичка пенетрација во Европа од страна на Москва. Но, иако во ЕУ се санкционирани 4.000 руски компании, ефективно санкционирани руски компании во Југоисточна Европа нема поради, како што се оценува во анализата, „длабоко вкоренетите зависности од таа земја и опасно нискиот капацитет на органите во овие земји“, вклучувајќи ги и Македонија и Бугарија,  да се грижат за економската сигурност, што е отежнато уште повеќе и од системската корупција.

Сето ова, според Центарот за проучување на демократијата, влијае и на медиумскиот пејсаж во земјите, со оценка дека медиумските пазари тука се премногу зависни од владеечките елити и политички поврзаните олигархиски мрежи чии интереси – често се поврзани со Русија. Проблем е, според анализата, што земјите во регионот немаат капацитет и институционални заштитни мерки за да ги откријат вистинските сопственици и извори на финансирање на медиумите, а на тоа  долева масло и влијанието на социјалните мрежи кои, како што стои, се отворен форум  за ширење на дезинформации и пропаганда од Русија. Распространетите дезинформации, според центарот од Софија, е најподмолниот симптом на руското влијание на медиумите, при што Софија слуќи за тие да се „нормализираат“ а Србија  е  „лансирна рампа“ преку која се шират во другите земји на ЈИЕ.

Тоа за нас не е нешто ново, но нови се некои други податоци кои фрлаат во мисла. Така, анализата открива дека на малигното руско влијание не се имуни и водечките медиуми и влијателни политички партии во регионот, како Левица во Македонија, Преродба и БСП во Бугарија, СНС и СПС во Србија, бугарската национална телевизија БНТ и РТРС во БиХ. Русија, според оценката, успешно ја користи лабавата медиумска регулатива во регионот  за да создаде невидливи локални мрежи на влијание во кои се вклучени локални тајкуни, политичари и други влијателни личности усогласени со Кремљ, така што нивните пораки стануваат и мејнстрим информации, што почна да го шокира Брисел. Притоа, податовите покажуваат дека во пет од осум земји на ЈИЕ барем еден од петте најпосетувани онлајн информативни сајтови  зад себе како главен снабдувач на вести го има Кремљ. Во Србија пак, тоа е случај со дури четири од пет најпосетувани сајтови, а слично е во БиХ, Бугарија, Црна Гора и Македонија. Притоа како пренесувачи на експлицитни проруски информации се посочуваат бугарски „Блиц“, nezavisne.com во БиХ, in4s.net и mondo.me во Црна Гора и novosti.rs, kurir.rs, rts.rs и srbijadanas.com во Србија.   

Фејсбук, исто така, е доминантна социјална мрежа во целиот регион –  од 98 отсто од целиот ваков веб сообраќај во Албанија до 72 отсто во Хрватска – па на оваа платформа партиите што се сметаат за про-Кремљ во регионот имаат речиси милион следбеници лани и над 13 милиони интеракции. Најголем одзив на социјалните мрежи руските напори имаат во Бугарија  каде што руската амбасада има двојно повеќе следбеници од сите други водечки шест странски амбасади во земјата. Тој факт е поразителен за ЕУ бидејќи потврди дека ни нејзини земји членки не се имуни на руското влијание, па и повеќе од тоа, ги спроведуваат руските интереси  повикувајќи се дури и на вето за одлуки насочени против Москва. Притоа се вели дека бугарската влада се соочува со зголемена политичка нестабилност делумно поттикната од сопствената стратешка двосмисленост и неспрособноста да се одвои од историската стратегиска врска со Москва.