Во Корча промоција на „Буре барут“ на авторот Дуковски во превод на албански јазик


На Педагошкиот факултет, при Универзитетот „Фан С. Ноли“ во албанскиот град Корча, одржана е промоција на делото „Буре барут”, на познатиот македонски автор Дејан Дуковски во превoд на албански јазик.

-Со преводот и објавувањето на книгата, организацијата „Книжевен и културен активизам“ ќе овозможи книжевни средби во регионот на Корча, согледувајќи го фактот дека овој регион е на граница и има блиски врски со два света и култури во контакт: Македонија и Грција. Ова, од парадокс кој можеби изгледа донекаде неоправдан: и денес има многу кои не ги знаат или игнорираат сличностите што ги имаме со другите балкански земји. Ова ја прави идејата за пренесување на ова знаење од другата страна на огледалото, благодарение на преводот на книгата бидејќи генерално открива криза, проблем или некоја неопходна варијација, што поттикнува чувства и драматична напнатост. Понекогаш општеството, околината, колективната свест или несвесноста не успеваат да ги регистрираат овие кризи. Додека книжевноста тоа го прави, затоа што второто не ти дозволува да одиш, туку ти дозволува да се исполниш со здив и со оваа потреба за дишење, за размислување, рече на промоцијата Ерис Руси, претседател на здружението „Книжевен и културен активизам“ и професор на Универзитетот во Корча.

Додаде дека Дејан Дуковски на читателите им овозможи поинаков поглед на историјата на преселбите, на доселеничкиот пат, а „понекогаш дури и трагичната судбина на Балканот, ова буре барут, со противречности и непредвидливост, во нашето постоење“.

На промоцијата се обрати и Васил Стерјовски, професор на Универзитетот во Корча и претседател на македонското друшто „Сонце”, кој се заблагодари на сите што помогнаа да се преведе на албански јазик делото “Буре барут” на истакнатиот македонски драмски писател и сценарист Дејан Дуковски. 

-Преводот на ова дело ќе даде можност да албанските читатели да се запознаат со македонската култура. Нема помоќно средство за запознавање на народите од културата. Културните размени меѓу народите се неопходен автопат на денешната цивилизација за размена на искуства, начин на живот, уметност, книги, кино, телевизија, театар итн. Треба да има повеќе културни размени меѓу народите на Балканот, рече тој.

Според него, националните телевизии треба да прикажуваат повеќе филмови едни за други, да прикажуваат повеќе театарски претстави, повеќе поезија, песни итн. 

-Честопати преводот на дела како што е делото на Дејан Дуковски или една поетска антологија со поети преведени од една во друга балканска земја може да направат покорисна работа, отколку што можат да направат десетици посети на политичари. Културата, меѓусебното познавање на културата, познавањето на материјалната и духовната култура се важни во континуитет, истакна Стерјовски.

Пред присутните зборуваа и Марина Терповска, претставник на Гете Институтот од Скопје и проектот READ финансиран од Европската комисија, преку кој се преведе и објави ова дело на албански јазик, Милена Селими преведувач,  Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факултет, која го честиташе објавувањето на драмата „Буре барут“, како и Ирена Точи, директор на издавачката куќа „Теона“. 

Промоција на „Буре барут“ во превод на албански јазик деновиве беше одржана и во Пустец.