Во Кочани повеќе од двојно зголемена потрошувачката на водата за пиење, можно воведување на рестрикции
Општина Кочани доцна синоќа упати соопштение со кое ги известува граѓаните дека во текот на вчерашниот ден е регистрирана енормно зголемена потрошувачка на вода во населените места Оризари, Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Тркање и Мојанци.
-Додека вообичаената потрошувачка изнесува околу 23 литри во секунда, во моментов е евидентирана потрошувачка од 53 литри во секунда, што претставува повеќе од двојно зголемување и сериозно го оптоварува водоснабдителниот систем, се наведува во соопштението.
За ова, според Општината, причина е масовното користење на водата за пиење за наводнување на тревници, бавчи и земјоделски култури, како и за миење на дворови, бекатон-површини и други површини.
-Поради ваквата несовесна и неодговорна потрошувачка, високите зони веќе се соочуваат со сериозен недостиг на вода, а доколку потрошувачката не се намали, ќе биде загрозено редовното водоснабдување и во останатите населени места, се алармира во соопштението.
Општина Кочани апелира до сите граѓани веднаш да престанат со користење на водата за наводнување и миење на дворови и други површини и истата да ја користат исклучиво рационално.
Доколку ваквата состојба продолжи, се најавува воведување рестрикции за несовесните корисници, со цел да се обезбеди уредно и непречено водоснабдување за сите граѓани.
-Апелираме до сите жители да покажат одговорност и солидарност, бидејќи само со рационално користење на водата може да се обезбеди стабилно водоснабдување во сите населени места, се нагласува во итното соопштение на Општина Кочани.