Во Кисела Вода почнува акција за бесплатно собирање кабаст и електронски отпад


 Општина Кисела Вода од денеска до 20 април ќе спроведува акција за бесплатно собирање кабаст и електронски отпад. Акцијата ќе ја реализира во соработка со Министерството за животна средина, како дел од Акцискиот план на Владата за почист воздух. 

-Акцијата ќе се одвива во текот на февруари, март и април, од 15-ти до 20-ти во секој од овие месеци. За граѓаните ќе бидат обезбедени по две локации во секоја населба и населено место, каде што ќе можат да го изложат својот кабаст отпад, шут и електронски отпад.  Жителите на општината може да се ослободат од стариот мебел, апарати, градежен шут, неисправни електронски уреди, како фрижидери, телевизори, компјутери, клими, замрзнувачи и други отпадни предмети, соопшти Општина Кисела Вода. 

Електронскиот отпад ќе биде соодветно третиран од социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, кое е лиценцирано за управување со неопасен отпад. Тоа, наведува Општината, ќе овозможи негова еколошки одговорна обработка и спречување на штетни последици по животната средина. Собраниот електронски отпад безбедно ќе биде транспортиран во Екоцентар97 на третман и понатаму на рециклирање.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ги повикува сите граѓани да ја искористат оваа можност и бесплатно да остават кабаст и електронски отпад на соодветните локации и во предвидените денови.

-Со оваа акција спречуваме создавање на диви депонии и го заштитуваме здравјето на жителите, бидејќи со неа обезбедуваме и безбедно складирање и транспортирање на отпадот, без ризик за животната средина и здравјето на луѓето. Истовремено, инспекциските служби ќе вршат редовни контроли и ќе санкционираат секој што нема да го почитува предвидениот начин на одложување отпад. Дополнително, покрај оваа акција која ќе ја спроведеме заедно со Министерството за животна средина, како дел од Акцискиот план на Владата за почист воздух, ние како локална самоуправа интензивно работиме на генерално чистење од комунален отпад на сите 15 населби и населени места во општината. Досега се собрани 25 тони отпад, а акцијата ќе продолжи се додека не бидат опфатени сите месни и урбани заедници, истакнува Ѓорѓиевски.

Во соопштението Општината информира и за локациите  на кои од 15 до 20 февруари ќе може да се остави кабастиот отпад:

Урбана заедница (УЗ) Пржино – ул. Милан Мијалковиќ (зад УЗ Пржино) и ул. Мариовска (покрај стовариштето на Треска)
УЗ Црниче – ул. Наум Охридски (пред УЗ Црниче) и ул. Ениџе Вардарска (наспроти кладилница Копачка)
УЗ 11 Октомври згради – ул. Пушкинова бр. 4 и ул. Михаил Чаков спроти УЗ 11 Октомври – згради
УЗ 11 Октомври бараки – Зад Космофон во делот покрај детско игралиште и ул. Лазар Димитров кон Трим-патека на вториот влез
УЗ Кисела Вода – ул. Христо Татарчев бр.72 (кај амбулантата) и ул. 14 Декември (кај подземните контејнери)
УЗ Расадник – ул. 1511 (наспроти Кватро кафе) и пред сала Расадник зад паркот за миленици
УЗ Цветан Димов – ул. Емил Зола бр. 7 и ул. Георги Димитров зад економското училиште
УЗ Бирарија – ул. Томе Арсовски наспроти парк Бирарија и ул. Фредерик Шопен зад училиштето „Кузман Јосифовски Питу“
МЗ Пинтија – ул. Јабланица (на местото Славија веднаш до МЗ Пинтија) и ул. 1513 под делот на детска градинка
МЗ Усје – Паркингот пред МЗ Усје и на влез во УСЈЕ (десно до оградата на Цементара-Усје)
МЗ Припор – ул. Христо Татарчев крак 14/159 и Под објектот на МЗ Припор
МЗ Подстаница – ул. Сердарот бр.115 (кај фудбалско игралиште) и ул. Сердарот бб (пред МЗ Подстаница)
МЗ село Драчево – ул. Китка (слободниот простор покрај гимназијата) и ул. Драчевска бр. 92 (пред стара пошта)
УЗ Бобан Трпков – населба Драчево – ул. Бранко Заревски (зад УЗ Населба Драчево) и ул. Бранко Заревски бр. 17 (стакларска зграда)
МЗ Стаклара – ул. 1519 (делот кај трансформаторот спроти продавницата) и ул. 1520 (кај ширината пред почетокот на куќите)