Во Кинотека изложба на филмски плакати: „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“
Државниот архив на Република Северна Македонија и Историскиот архив на Пожаревац в понеделник во Скопје ќе потпишат меморандум за соработка, а истиот ден во Скопје ќе биде отворена изложбата на филмски плакати и рекламен филмски материјал, со наслов „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“, изработена од Историскиот архив на Пожаревац.
Отварањето е во 12 часот, во Кинотека на Македонија.
Изложбата се состои од 64 паноа, со димензии 70 см х 100 см, на кои се претставени 180 постери, односно рекламни филмски флаери и претставува своевиден омаж на историјата на југословенскиот филм. Таа го следи развојот на домашната кинематографија во тогашна ФНРЈ, односно СФР Југославија, во периодот меѓу 1947 и 1980 година. Ќе биде збогатена со уште десет паноа за македонската кинематографија и ќе трае до 17 јуни 2019 година.
Исто така ќе биде прикажан и филмот ПУЛА 56 во режија на Славко Јаневски, и инсерти од југословеснката филмска продукција 45 – 81, а за својот влог во оваа jугословенска и македонска кинемтаографија ќе зборува и Данчо Чеврески а исто така ќе бидат истакнати и дел од наградите кои македонските филмски работници ги имаат освоено и претставуваат континуитет до најголемото филмско признание што македонската кинематографија го има освоено Златниот лав на Милчо Манчевски ПРЕД ДОЖДОТ, кој исто така ќе биде истакнат.