Во КИЦ отворена изложбата за млади „Вселена. Човек. Интелигенција“
Интерактивната изложба за млади „Вселена. Човек. Интелигенција“ од денеска до 28 април ќе биде отворена во изложбениот простор на Културно -информативниот центар во Скопје (КИЦ-Скопје).
Изложбата ја отворија продеканката за финансии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Магдалена Костоска, заменик-амбасадорот на Германија Ото Граф и основачот на апликацијата „Мој воздух“ Горјан Јовановски.
Гете-институт – Скопје во соработка со друштвото „Макс Планк“ ја прикажува оваа изложба ширум светот.
Изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме.
Изложбата обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пр. компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со коишто може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и сл.
Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура.
Изложбата е отворена за посетители до 28 април 2023 година, секој ден од понеделник до петок од 10:00 до 20:00 часот и сабота од 10:00 до 14:00 часот. Содржината на изложбата е на германски јазик, а достапен е превод на англиски јазик. Влезот е бесплатен.
На посетителите ќе им биде понудено водење низ изложбата, како и забавни задачи за изложбата во времетраење од 60 до 90 минути.
За време на изложбата ќе се нудат и презентации на можности за студирање во Германија од страна на Асоцијацијата на кариерни советници, кариерно советување од Германската служба за академска размена и други настани наменети за млади.