Во јуни повисоки трошоците на живот и цените на мало
Трошоците на живот и цените на мало во јуни во однос на мај годинава се зголемени за 0,8 отсто, додека споредено со јуни лани бележат раст од 1,7 односно 0,2 процента, објави денеска Државниот завод за статистика.
Пораст на индексите на трошоците на животот во јуни споредено со мај годинава е забележан кај свежото и разладеното овошје за 13,6 проценти, свежиот и разладениот зеленчук, освен компири и други коренести плодови за 6,2 проценти, сувото овошје и јаткастите производи за 3,5 проценти, пивото за 0,9 проценти, лебот и житата за 0,6 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, прехранбените производи, неспоменати на друго место, виното за 0,3 проценти.
Во јуни годинава, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 18,6 проценти, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 9,7 проценти, другите услуги за опрема за сопствен превоз за 1,9 проценти, велосипедите за еден процент електричните апарати за лична хигиена за 0,8 проценти, услугите за одржување и поправки на живеалиштето, големите електрични апарати за домаќинствата, фармацевтските производи за 0,5 проценти, малите електрични апарати за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,4 проценти, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,3 проценти, другите медицински производи за 0,2 проценти.
Статистичките податоци покажуваат дека во јуни споредено со мај има намалување на трошоците на живот кај жестоките пијалаци за 0,6 проценти, месото, јајцата за 0,5 проценти, сирењето и урдата, маслото и маснотиите, минералната вода, газираните пијалаци и соковите од овошје и зеленчук за 0,4 проценти, полномасното млеко за 0,2 проценти. Пониски трошоци на живот се забележани и кај информатичката опрема за обработка на податоците за 5,7 проценти, гасот за домаќинствата за 4,2 проценти, моторните возила за 1,5 проценти, градините, растенијата и цвеќињата за 0,8 проценти, домашните миленици и сродните производи за 0,5 проценти, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 0,2 проценти.