Во јуни компаниите на Берзата вределе вкупно 2,8 милијарди евра


Вредноста на котираните компании на Македонската берза во јуни годинава била 172,7 милијарди денари, или околу 2,8 милијарди евра што е за 3,44 отсто (или околу 99,9 милиони евра) помалку од еден месец претходно, покажуваат податоците во најновиот месечен статистички билтен на Берзата.

Меѓу компаниите со најголема пазарна капитализација се Стопанска банка Скопје која на крајот на јуни на Берзата вредела 18,3 милијарди денари или околу 298 милиони евра, потоа „Алкалоид“ – 17 милијарди денари или околу 277 милиони евра, Цементарница УСЈЕ – 13,8 милијарди денари (224,5 милиони евра), а тука некаде се и НЛБ банка со пазарна капитализација од 13,6 милијарди денари (222 милиони евра) и Комерцијална банка со 13,2 милијарди денари или околу 214 милиони евра.

Занимливо е што две големи нафтени компании, според пазарната капитализација, се значително зад банкарскиот сектор. Така, „Макпетрол“ на крајот на јуни на Берзата вредел 7,3 милијарди денари или околу 118 милиони евра, а ОКТА 2,7 милијарди денари или околу 45 милиони евра.

Во текот на јуни на Берзата биле реализирани за 7,66 отсто повеќе трансакции во однос на мај, но вкупниот промет бил за 6,36 отсто помал и изнесувал 445,7 милиони денари (околу 7,2 милиони евра). Берзанскиот индекс МБИ10 месецот го завршил на 4.116,66 поени, за 3,43 отсто помалку во однос на мај.

Инаку, и во текот на јуни најмногу се тргувало со акциите на Комерцијална банка, на кои отпаѓаат дури 33,68 отсто од прометот на Берзата, потоа на „Алкалоид“ со 17,66 отсто и на „Макпетрол“ со 11,74 отсто од прометот на Берзата. (М.Ј.)