Во Хрватска моментално има еден милион туристи

КРК – Трет, четврт бран на корона вирусот – не е важно: Хрватска ова лето е преполна со туристи. Во овој момент во неа престојуваат еден милион туристи. Меѓу нив најбројни се оние од Германија, Полска, Словенија и Италија. Според податоците на туристичките организации најголем број туристи има на Истра, потоа во Кварнер, а трета по ред е Далмација.
Ланската година беше осакатена од пандемијата, па годинашниве бројки покажуваат драматични скокови. Досега во Хрватска дошле 1,2 милиони туристи повеќе отколку во целата 2020 година. Имало 46,6 милиони ноќевања на странски туристи, а само 8,7 милиони на хрватските туристи.
Но, пандемијата и годинава го зема својот данок. Ако се спореди со 2019 досега дошле 61 отсто од тогашниот број туристи.
Хрватските власти постојано нагласуваат дека сите треба да се придржуваат кон мерките за заштита од короната, но нема град на хрватската ривиера, или плажа, каде туристите надвор носат маски. Маските се задолжителни во продавници и други затворени простории. (Љ.П.)