Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар заврши капиталниот ремонт на генератор два


Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар, еден од најзначајните електроенергетски капацитети, заврши капиталниот ремонт на генератор два.

-По двомесечни теренски активности на колегите од службата за електромашинско одржување од Хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“, агрегатот повторно е ставен во погон и хидроелектраната е комплетно на располагање на електроенергетскиот систем, информираа за МИА од ЕСМ.

Додадоа дека зафатот е реализиран во согласност со предвидените планови за тековно и за инвестициско одржување на опремата. 

-Капиталниот ремонт е една од позначајните сервисни активности и значи продолжување на работниот век, зголемување на сигурноста и стабилноста на „Шпилје“ и на ХЕС „Црн Дрим“, што го сочинуваат оваа и ХЕ „Глобочица“, нагласуваат од ЕСМ.

ХЕ „Шпилје“ во изминатиот период од годинава има произведено  228 гигават часови електрична енергија.

На 4 ноември годинава одбележа 55 години од пуштањето во функција, период во кој е забележано производство од 14.799,19 гигават часови, или просечно годишно производство од 275 гигават часови.