Во Европскиот фронт на ДУИ влегоа четири партии
ДУИ, ДПА, Европска демократска партија и Народно движење денеска во Тетово потпишаа коалициски договор за „Европскиот фронт“ што ќе го предводи Али Ахмети.
Ова е прв пат Ахмети да оди во ваква поширока коалиција на едни парламентарни избори што е директен резултат на обединувањето на албанската опозиција. Договорот го потпишаа претседателите на четирите партии, Али Ахмети, Мендух Тачи, Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд.
Ахмети на церемонијата изјави дека очекува голема победа, која, наводно, ќе била најголема кај Албанците во Македонија од независноста на држава.
„Ова е вистинскиот момент ние да бидеме заедно во заеднички фронт и овој фронт ќе биде непобедлив и не привремен до реализирање на нашите цели, до членство во ЕУ. Треба да се приклучат и нашите сограѓани Македонци бидејќи не сум видел за иднината на оваа земја поголема одговорност од албанските политички субјекти. Овој фронт не се прави за партиски или лични придобивки, овој фронт се прави за да триумфира во мисии и нашата земја го има местото во ЕУ како што сме во НАТО“, рече Ахмети по потпишувањето на договорот.
Мендух Тачи од ДПА рече дека ризикот што му се заканува на Балканот и Македонија е руската агресија на цивилизираниот свет, преку инсталации во Србија и Македонија.
„Ова обединување е да се спречи таа политика да дојде и во Македонија. Никој од нас не е ангел, но сме ве убедиле дека не сме ја пречекориле црвената граница, од политички и национален аспект. Кога нашиот кандидат за претседател убедливо ќе го победи неговиот противкандидат, знам дека македонската опозицијата ќе го смени речникот, но може да е доцна за нив. Можам дека сфатам дека политички изјави носат поени, но народот вели претераната шега преминува во трагедија“, рече Тачи.
За Аријанит Хоџа целта на Европскиот фронт ги надминува тесните или лични интереси: „Ова обединување што ние го правиме е од историска вредност кое ќе донесе бришење на граници помеѓу браќата и со тоа ќе покажеме дека сме дел од западната цивилизација кои ја граделе нашите предци“.
Скендер Реџепи-Зејд најави дека фронтот ќе се прошири во иднина.