Во Битола гостува францускиот ракометен гигант ПСЖ
Битолската спортска јавност утревечер ќе го проследи ракометниот дуел меѓу македонскиот и францускиот шампион Еурофарм Пелистер и ПСЖ.
Во пресрет на натпреварот кај домашниот тим се подгреваат надежите дека последниот настап пред своја публика може да заврши со успех бидејќи, како што велат, против французите секогаш добро и успешно играат.
-Ова е последен домашен меч за нас во Лигата на шампионите. Ние ќе дадеме се од себе и затоа ја повикуваме побликата во што е можно поголем број да ужива во натпреварот. Сите добро се чувствуваме, немаме повредени играчи, сите сме во добра хемија и се надеваме дека тоа ќе го пренесеме на терен, изјави ракометарот Петар Атанасијевиќ во пресрет на дуелот со ПСЖ во Битола.
Гостите од Париз ќе допатуваат со најсилниот состав, со француските асови Карабатиќ, Пранди, Омејер…но и ракометните интернационалци Соле од Шпанија, Стеинс од Холандија, Спижак од Полска, Мараш од Хрватска и други ракометни ѕвезди.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ е закажан за утревечер во 20:45 часот, а ќе го судат Денис Болиќ и Кристоф Хурич од Австрија.