Во Америка се гради нова „империја“, дел од проект вреден 500 милијарди долари


Тајванскиот „Фокскон“ и јапонската „СофтБанк“ во понеделник објавија почеток на производство на опрема за центри за податоци специјализирани за вештачка интелигенција. Производството ќе се одвива во поранешната фабрика за електрични возила „Лордстаун Моторс“ во Охајо, а проектот е дел од иницијативата „Старгејт“, која има за цел да ја подобри инфраструктурата за вештачка интелигенција во САД.

Претседателот на „Фокскон“, Јанг Лиу, изјави дека „СофтБанк“ го купил местото во Лордстаун, додека „Фокскон“ ќе продолжи да ја управува фабриката преку заедничко вложување. Порано овој месец, „Фокскон“ објави продажба на фабриката и опремата за 375 милиони долари, без да го открие идентитетот на купувачот, пишува „Ројтерс“.

Инаку, „Старгејт“ е заедничко вложување на „ОпенАИ“, „СофтБанк“, „Оракл“ и инвестициската компанија „МГКС“. Беше најавен во јануари 2025 година под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп, а планираната инвестиција е до 500 милијарди долари до 2029 година.

Проектот вклучува изградба на десетици центри за податоци низ САД, со почетна локација во Абилин, Тексас, кои ќе имаат капацитет од 1,2 гигавати и ќе сместуваат 2 милиони процесори за вештачка интелигенција. Во втората фаза, „ОпенАИ“ и „Оракл“ планираат да го прошират капацитетот на 4,5 гигавати во сите центри, со очекувано создавање на повеќе од 100.000 нови работни места.

Според Лиу, „СофтБанк“ и „Фокскон“ работат на проектот повеќе од шест месеци. „Разбираме дека клучните приоритети се енергијата, локацијата и временската рамка – проектот не може да се одложи. Земајќи го ова предвид, веруваме дека Охајо е исклучително соодветна локација за производство, а „СофтБанк“го дели тоа мислење“, истакна тој.

Проектот „Старгејт“ се смета за стратешки важен за консолидирање на американската доминација во глобалната трка за инфраструктура за вештачка интелигенција.