Во Албанија за два дена откриени 43 мигранти
По извршените неопходни проверки и дадените изјави во Управата за граница и миграција, тие се транспортирани во Центарот за азил во Бабру, кај Тирана.
Во близина на селото Трестеник, кај градот Девол, откриени се 16 лица, државјани на Ирак, Сирија, Алжир и Мароко, меѓу нив и жени и деца.
Во претходната акција, во близина на граничниот премин Капштица, откриена е група од 27 мигранти, веднаш откако влегле преку зелениот појас на границата.
Според албанските власти со подобрувањето на временските услови зачестени се обидите на мигрантите од грчка да влезат на албанска територија и да го продолжат патот кон земјите на Европската унија.
Но, контролата долж албанско-грчката граница освен со зголемено присуство на албански полицајци, од 22 мај е зајакната и со 50 офицери на Европската агенција за гранична безбедност – Фронтекс.
Албанскиот министер за внатрешни работи, Сандер Леши деновиве изјави дека во 2018 година бројот на мигрантите бил поголем за повеќе од шестпати во споредба со 2017 година и оти оваа појава е присутна и оваа година.
Затворањето на балканската рута која минуваше од Босна и Херцеговина и Унгарија го зголеми бранот бегалци кои минуваат низ Албанија. Така, на територијата на Албанија лани беа откриени повеќе илјади илегални мигранти, главно од Сирија, но и од палестинските територии и Пакистан. Но, се верува дека бројот на мигрантите кои го продолжиле патот кон некоја западно европска земја е многу поголем.
Лани е забележан рекорден број имигранти кои побарале азил во Албанија, дури 4.095, главно Сиријци, наспроти претходната година кога тој број изнесувал 307.