Беше европски шампион и европратеник. Убиен е утрово во неговата куќа во Бугарија


Бугарскиот претприемач, поранешен европратеник и политичар Слави Бинев утрово беше застрелан во неговата куќа во софискиот кварт Павлово. Полицијата веднаш по убиството уапсила тројца мажи, а како можен мотив се истражуваат нерасчистени финансиски односи, јавуваат бугарските медиуми.

Според информациите на бугарската телевизија НОВА, полицијата околу 10:20 часот добила дојава за пукање. Брзата помош пристигнала за седум минути, но лекарите можеле само да констатираат смрт. На телото на убиениот била пронајдена една прострелна рана во главата.

Полицијата за убиството ја известил работник кој бил во неговата куќа. Според него, неколку лица влегле во имотот, по што се слушнале истрели. Кога отишол да провери што се случило, го нашол Бинев мртов.

 

Околу еден час подоцна полицијата уапсила тројца мажи осомничени дека се поврзани со убиството на автопатот Тракија, во близина на тунелот Трајанова порта.

Генералниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи Љубомир Николов изјави дека уапсените го познаваат Бинев и дека доаѓале во неговата куќа. Кај нив биле пронајдени два пиштола, од кои едниот непосредно пред застанувањето бил фрлен од возилото.

Според првите информации, мажите се занимавале со градежништво. Полицијата ја истражува можноста на убиството да му претходел конфликт за нерасчистени финансиски односи. Николов рече дека засега нема докази кои упатуваат на нарачано убиство.

Софиското градско обвинителство покрена истрага, а се очекува одлука за евентуалното поднесување обвиненија против приведените.

 

Кој беше Слави Бинев?

Славчо Пенчев Бинев, познат како Слави Бинев, е роден на 10 декември 1965 година во Софија. Во својата кариера беше успешен теквондист, претприемач и политичар. Имаше високи позиции во спортските организации, меѓу другите како претседател на Бугарската теквондо асоцијација и прв потпретседател на Европската теквондо унија.

Врвот на спортската кариера го достигна во 1992 година, кога во Целје стана европски првак во теквондо. По неговите натпреварувачки денови, тој работеше како меѓународен судија, тренер и спортски функционер. Тој стана претседател на Бугарската олимписка теквондо федерација и беше дел од раководството на европската чадор организација.

Во текот на 1990-тите и 2000-тите, тој разви бизнис во безбедносниот сектор, градежништвото и индустријата за забава. Тој раководеше со голем број популарни ноќни клубови во Софија, а неговото име се поврзуваше со холдингот R-System и клубот BIAD. Медиумите со години го поврзуваа со организирани криминални групи кои се појавија во периодот на транзиција во Бугарија.

Политичката кариера ја започна во партијата Атака, на чија листа беше избран за пратеник во Европскиот парламент во 2007 година. Таму беше член на Комисијата за економска и монетарна политика и учествуваше во работата на повеќе делегации. Истата година се кандидираше за градоначалник на Софија, а во 2009 година доби втор мандат како пратеник во Европскиот парламент.

Тој ја напушти партијата Атака во 2011 година и една година подоцна основа своја Конзервативна партија – Движење за успех. Со неа најпрвин се приклучи на сојузот ГОРД, а потоа во 2014 година се приклучи на Националниот фронт за спас на Бугарија. Во октомври истата година бил избран за пратеник во бугарскиот парламент.

Неговото назначување за претседател на собраниската Комисија за култура и медиуми предизвика протести во културните кругови, поради што во декември 2014 година поднесе оставка. Подоцна го презеде раководството на Комисијата за деца, млади и спорт. На парламентарните избори 2017 година беше кандидат на листата на партијата ДПС.

Трето убиство на бизнисмен во изминатите три месеци во Бугарија

На 30 септември во Пловдив беше убиен Илијан Филипов. Тој имаше 53 години и беше коосновач на една од најголемите компании во Бугарија – ПИМК, која се занимаваше со меѓународен транспорт, градежништво и железнички транспорт. Неодамна, неговиот конзорциум го доби јавниот договор за реконструкција на стадионот „Христо Ботев“ вреден речиси 44 милиони лева. Филипов беше и претседател на фудбалскиот клуб Ботев (Пловдив).

Владимир Јанков, 56, кој водеше огромен бизнис со увоз на кафе, чај и опрема за автомати за продажба од Италија, генерирајќи над 100 милиони лева годишен промет, исто така беше убиен. Беше убиен во крајот на јули, се движеше без лично обезбедување, но имаше изразен интерес за блокчејн технологии и инвестиции во криптовалути, јавија бугарските медиуми. зш/