Во акцијата „Безбедно лето 2022“ полицијата во Прилеп пронајде дрога, а регистрирано е и точење алкохол на малолетници


Двајца млади прилепчани се приведени, бидејќи кај нив полицијата пронајде марихуана, а 19 малолетници затоа што се затекнати во угостителски објект по полноќ. Кај петмина од нив е констатирано присуство на алкохол. Приведени се прилепчаните со иницијали А.Ч (26) и И.Д.(29) кај кои е пронајдена марихуаната.

Ова е дел од ноќешната полициска акција, спроведена од 23 часот до 3 часот рано изутрината, во рамките на превентивната активност „Безбедно лето 2022“. Полицијата изврши контрола низ градските паркови и местата каде има зачестено присуство на малолетници. Токму при таа контрола е пронајдена марихуаната кај двајцата млади. Приведени се и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Исто така, полициски службеници од СВР Битола, Одделение за криминалистичка полиција, сообраќајната полиција во содејство со прилепската полициската станица извршија онтрола во угостителски објекти. Приведени се 19 малолетници затекнати во угостителски објект по полноќ, од кои кај 5 било констатирано присуство на алкохол. Приведено е и едно лице поради точење алкохол на малолетници, согласно чл.204 од Кривичниот законик. При контролата бил констатиран и прекршок за неносење документ за идентификација.

Овие контроли ќе продолжат и во наредниот период за да се превенираат ризиците од девијантни појави, посебно кај младата популација, информираат од МВР.