Внатрешната контрола во МВР работи на случајот со полицајците од Блаце кои земаа поткуп


 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали се суспендирани од работа полициските службеници од ГП „Блаце“, за кои се поднесени кривични пријави за поткуп, информира дека на тој случај работи внатрешната контрола и кога ќе се затвори целиот случај, ќе се донесат одлуки во делот на водењето на дисциплинската постапка.

– За полициски службеници кои направија кривично дело во однос на поткупот се поднесени соодветни кривични пријави. За сите полициски службеници, работи внатрешната контрола во однос на уништувањето на средствата за работа. За тоа постојат правилници, постојат упатства како и на кој начин ќе се користи опремата и секако дека покрај дисциплинската ќе има и материјална одговорност во овој дел. Ние известуваме и надлежно обвинителство кое што работи, а тоа е Одделението во ЈО за организиран криминал. Доколку се утврди дека има елементи на сторено кривично дело ќе одговараат и кривично тие полициски службеници коишто го сториле тоа кривично дело. Меѓутоа, мора да се знае точно да се утврди и оние коишто направиле и материјална штета на МВР да си ја покријат таа материјална штета, истакна министерот Спасовски по работната посета на СВР Охрид.