ВМРО поднесе 12 приговори, се жали на полнење кутии, агитирање и поткуп


Фото: Б. Грданоски

Вкупно 12 приговори до Државната изборна комисија (ДИК) поднесе ВМРО-ДПМНЕ по вториот круг од претседателските избори. Според најголемата опозициска партија, во неделата имало случаи на полнење кутии, гласања за повеќе лица, недозволено агитирање, злоупотреба на државните ресурси, како и поткуп.

„Ова не се демократски избори, туку ефикасно спроведен изборен инженеринг“, обвинуваат во ВМРО-ДПМНЕ, иако во неделата го прифатија изборниот пораз без да му честитаат на новоизбраниот претседател, Стево Пендаровски.

Од партијата потенцираат дека несовпаѓање на број на потпишани гласачи со бројот на ливчиња имало во Ново Село и во Куманово. Во Студеничани, Брвеница и во Охрид, бројот на неупотребени гласачки ливчиња и бројот на употребени ливчиња бил поголем од вкупниот број на избирачи. На едно избирачко место во Охрид и во Прилеп, биле изнесени ливчиња од гласачкото место. Во Шуто Оризари, граѓанин дошол да гласа, но некој веќе гласал место него. Во Пласница бил евидентиран ист потпис кај повеќе гласачи што, според опозицијата, значело оти гласал во нивно име.

„Во Радовиш, на четири лица им е дозволено да гласаат, но тие не се потпишуваат во Избирачкиот список. Во Центар во Скопје на избирачкото место 2859 направена е груба злоупотреба од заменик-претседателката и членка на ИО, со тоа што постојано во текот на изборниот ден го прелистувале списокот, ги регистрирале тие што не излегле да гласаат и потоа податоците со име и презиме ги пренесувале телефонски и со СМС пораки. Во Сарај гласано е со искинато па лепено избирачко ливче со селотејп, со што се нарушува тајноста на гласањето“, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ.

ДИК утре ќе ги разгледува приговорите и има рок од 48 часа да донесе решение. Пендаровски треба во недела да ја преземе функцијата од Ѓорѓе Иванов.