ВМРО-ДПМНЕ во март 2022 бараше итно намалување на акцизата за 50 отсто


Фото: Б. Грданоски

 

Две недели по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022, по што следеше порастот на цените на нафтата, Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која расправеше за актуелната политичка и економска состојба. МИА тогаш ја пренесе изјавата на портпаролката на партијата, Марија Митева, а сегашна портпаролка на владата, во која рече дека зголемувањето на цените на горивата се голем удар за стандардот на граѓаните и дека ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се намали акцизата за 50 отсто.

Еве што соопшти на 8 март 2022 година тогашната портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева:

Вчера заседаваше Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ при што се разговараше за актуелната политичка и економска состојба. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најновото покачување на цените на горивата го проценува како жесток социјален удар врз граѓаните, при што владата не направи ништо истиот да се спречи и е последица на нејзината неспособност, не водењето на грижа за граѓаните и силна корумпираност. Оправдување не може да биде војната во Украина, со оглед на тоа што самиот претседател Пендаровски кажа дека државниот врв знаел за овие случувања најмалку 4 месеци порано, а владата на Заев и Ковачевски не направи ништо за да се спречи ценовниот шок.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бара итно и неодложно прифаќање на мерката на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата кај горивата за 50%. Со оваа мерка дизел горивото ќе поевтини за 9,5 денари, а бензините за цели 13 денари.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бара да се намали данокот на додадена вредност за производите за исхрана и за топлинската енергија, односно парното да бидат со 0%. Дополнително, бараме и ДДВ за електричната енергија да биде 5% и во остатокот од 2022 година. Воедно, бараме владата да го заштити стандардот на граѓаните и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за покачување на платите во јавниот сектор согласно коефициентот на тежина на работната сила прифатен согласно колективните договори“.

ВМРО-ДПМНЕ денес го одбива сето она што тогаш го бараше, а премиерот Христијан Мицкоски го нарекува „соцболшевизам“.