ВМРО-ДПМНЕ: Со пресудата за 27 април се сее страв кај политичките непријатели


СДСМ ја нарече нервозна одбраната од страна на ВМРО-ДПМНЕ на лицата кои денеска беа осудени како организатори на упадот од крвавиот четврток.
 
-Таа само потврдува дека во  оваа партија нема никаква промена, дека таму се уште е силно присутна режимско насилничката матрица. Крвавиот настан на 27 април, на кој учествуваше и самиот Христијан Мицкоски, е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, кога по налог на Никола Груевски толпа насилници се обидоа да убијат пратеници и новинари и да спречат трансформација на власта.Со денешните пресуди се затвора најсрамното поглавје во историјата на независноста.
Колку ли се големи хипотеките на Мицкоски штом мора постојано да брани осудени насилници и криминалци? Колкав е партиско-политичкиот долг на ВМРО-ДПМНЕ штом се во постојано заложништво на политиките на Мицкоски?- реагираат од СДСМ. 
 

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно порачаа дека денешната одлука на судот е темпирана и планирана прeсуда која има за цел да создава страв кај политичките непријатели на Зоран Заев и целосно ја руши демократијата во државата.

-Додека политичките непријатели се казнуваат со неосновани пресуди, како што е случајот денес, власта на Заев ја дефокусира јавноста од сопствените криминали и корупција во која до гуша се заглавени функционерите на СДСМ и ДУИ.Ваквата пресуда не е ништо друго туку продолжување на праксата на власта да се изживува со судбини, во случајот со лица кои во постапката покажаа дека се невини, а судот пресудителната одлука ја темели само на исказ на човек со дебело криминално досие кој што според вештачењето се докажа дека воопшто и не бил присутен на местото за кое што сведочи.

Целата пресуда се темели на исказот на Александар Василевски –  Нинџа, човек со дебело криминално досие, што го потврди и судот. Судот верува во човек со криминална историја. А, во случајот „Рекет“ за исказите на Бојан Јовановски кои што ја компромитираат обвинителката Русковска, Љубомир Јовевски кажа дека судот не ги зема во предвид исказите на лица чиј наводно кредибилитет бил сомнителен.

Ваквиот нарачан исказ врз основа на кој се темели пресудата само покажува дека еден ист центар на моќ ги диктира не само сведоштвата, туку и обвиненијата и пресудите. Оваа одлука на судот покажува дека во Македонија правосудство и суд не постојат, туку тоа е само обичен нотаријат во кој се верификуваат обвиненија базирани на нарачки, порача Димче Арсовски, портпарол на опозициската партија, заканувајќи им се на судиите дека брзо ќе дојде време кога ќе треба да дадат одговор за сите вакви одлуки.