ВМРО-ДПМНЕ со паралелна прослава за независноста
Исто како и за 2 Август, и за Денот на независноста ВМРО-ДПМНЕ организира паралелна прослава во Битола. Додека трае централната прослава пред Собранието, лидерот на оваа партија ќе се обраќа пред својата публика на својата прослава. Ваквото однесување не наиде на разбирање и на тие што се дел од тоа сценарио, како што претходно на Илинден Александар Пандов ја изигнорира сепаратната прослава на ВМРО-ДПМНЕ и се појави на Мечкин Камен со коњаниците.
Овојпат пораката дојде од Мартин Треневски, екс амбасадор, кој на трибината со наслов „30 години се грижиме за Македонија“ порача дека празникот треба да се слави на едно место и без паради, бидејќи во спротивно кај народот се создава раздор.
-Овој ден е ден кој што треба да обединува без разлика кој на што припаѓа, партиски или идеолошки. Во оваа земја некои луѓе треба да се освестат, да се опаметиме бидејќи заканите за опстанок и како нација и како држава се премногу големи. Да се радуваме на овој ден и нека не освести затоа што ние немаме алтернативна татковина, оваа Македонија е единствено што ни остана и мораме сите да дадеме максимум за да си ја сочуваме, а ќе ја сочуваме ако имаме разбирање и толеранција едни кон други, а не едни да се собираат во Битола, други во Скопје, рече Тренески.
Според поранешниот амбасадор Маријан Ѓорчев во овие 30 години можело и подобро, но една од причините е и традиционалното неединство на македонските политички партии.
– Во овие 30 години самостојност научивме дека модерниот свет е свет на еднаквост, но нашата Република Македонија за жал е во редот на земјите кои што се сиромашни и потценети. Сите заедно треба да гледаме далеку напред, потребен е обединет македонски поглед за сите надежи и перспективи и можности за опстанок на македонската држава, на македонскиот суверенитет и за личен и семеен просперитет и среќа на македонските граѓани. Резолуцијата што ВМРО ДПМНЕ ја поднесе во Парламентот и што се изгласа едногласно, а беше поддржана и од албанскиот политички блок покажа дека ние имаме капацитет кога нешто е важно за државата да изградиме унисон став по прашњето на македонската државотворност и државнички атрибути, нација и јазик. Без тоа, ние како македонска држава не ќе можеме да опстанеме, посочи Ѓорчев.
Свои обраќања на трибината „30 години се грижиме за Македонија” имаа и поранешниот премиер, министер и пратеник Емил Димитриев, поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски и првиот градоначалник на Општина Битола Златко Милошевски.
Свеченостите по повод денот на независноста ќе завршат вечер на плоштадот „Магнолија” со централна прослава на која ќе зборува Мицкоски.