ВМРО-ДПМНЕ: СДС се на ЛСД!
Вчера, при официјалната посета на Бугарија од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, се случи невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче во објава на Фејсбук.
-За првпат во историјата на нашата држава, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја. Да биде скандалот уште поголем, на средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој беше само нем сведок на недоличниот и понижувачки чин. Очигледно е дека ниту еден претставник на македонската делегација не реагирал на ова деградирачко однесување, коментира Филипче.
Според него, големиот скандал се случи во Софија, токму во соседната земја која е омилена тема на ВМРО-ДПМНЕ за печалење на политички поени преку популистички изјави и ставови.
-Додека на домашен план се претставуваат како големи патриоти, буквално на првата средба во Софија гордо позираа пред бугарското, но не и пред македонското знаме. Ниту на средбата на Давкова со Радев, ниту на средбите на министрите на Мицкоски со колегите министри од Бугарија немаше државно знаме, наведува Филипче.
Според него, покрај понижувањето, Давкова од Софија не се врати со ниедна конкретна порака или договор, додека бугарската страна јасно порача дека не отстапува од позициите.
-Не слушнавме нуту дали и како Давкова побарала унапредување на преговорите, промена на преговарачката рамка и се што ветуваат. Со еден збор, дипломатска катастрофа на ВМРО-ДПМНЕ и Давкова, вели Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ дека се „на ЛДС“.
-СДС повторно го има лапнато апчето за заборавање на сопственото минато со кое самите себе си се обидуваат да заборават кои биле, што правеле и се замислуваат дека се нешто кое не се. За нивна жал тоа апче ако делува кај малкумината од нивното раководство, сепак не делува кај никој друг и затоа овие прес-конференции кои ги смислуваат во недостаток на компас и колку нешто да се каже демек жива е партијата, делуваат тотално одлепено. СДС е на ЛСД. Ние би ги потсетиле што тие направија заедно со нивните другарчиња Бујар и Артан од националните интереси на државата, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
– Со Преспанскиот договор го срозија македонскиот идентитет, а со Договорот за добрососедство со Бугарија самите ја доведоа државата во подредена состојба што е рамно на велепредавство, дозволувајќи и согласувајќи се дека мора да го промениме повторно, односно да го преформулираме сопствениот идентитет и сите негови одредници. СДС беше срам за државата и со своите меѓународни гафови и недостоинствено претставување ја доведе државата на ниво на кое и се смееја каде ќе стигнат и кој ќе стигне. Поданичкиот однос со распродавањето на државните интереси за СДС беше рака под рака со корупцијата која мислеа дека странците ќе им ја толерираат и ќе ги држат на власт се додека тие се продаваат како да се на улицата на црвените фенери во Амстердам. Сепак народот е свесен и знае и ние ќе се бориме за нашите интереси заедно со народот и убедени сме Македонија ќе победи, Македонија ќе успее – велат од ВМРО-ДПМНЕ.