ВМРО-ДПМНЕ сака да ја искористи Силјановска за свои цели, вели Љупчо Балкоски


 

„ВМРО-Народна партија остана доследна и секогаш ја промовира идејата за ЕУ, дека тоа е патот по кој Македонија треба да се движи. Тоа беше пред 25-30 години, така е и сега, затоа што опцијата што ја нуди Европската унија е добра за Македонија. ВМРО-НП ја продолжува таа идеја“, изјави Љупчо Балкоски, пратеник од ВМРО-НП, во интервју за „Слободен печат“.

„Застанавме зад Стево Пендаровски уште во 2014 година, тогаш на некој начин му беше одземена победата, па потоа во 2019, а и сега. Многу е битно континуитетот да го има државата во рамки на човекот којшто ја претставува како претседател на држава. На некој начин со Стево Пендаровски ќе докажеме дека го продолжуваме патот што нас ни е зацртан како држава“, изјави Балкоски.

Тој вели дека Гордана Силјановска-Давкова треба да се одвои од програмата што ја промовира ВМРО-ДПМНЕ. „Искуството што го има професорката ќе падне во рамките на ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја искористи кандидатот за претседател за да ги прокламира своите идеи. Тоа е многу погрешно. ВМРО-ДПМНЕ во својата кампања сака да ѝ ја наметне на кандидатката својата програма“, вели Балкоски.

Тој додаде дека ВМРО-НП е во коалиција со СДСМ уште од 2012 година. Она што е карактеристично за оваа коалиција е тоа што двете партии имаат различни идеологии. Она што ги спојува се заедничките идеи околу ЕУ и НАТО.

„Се надевам дека вакви коалиции со различни идеологии, а со иста цел, треба Македонија да ја придвижат напред. Ова е добар пример како во иднина треба коалициите да бидат. Не идеолошки коалиции или коалиции од интерес, туку коалиции со иста цел“, потенцираше Балкоски.

Во однос на сегашното ВМРО-ДПМНЕ, тој истакна дека не може да каже дека се за влез во ЕУ. „Тие во ниеден момент не кажаа дека за ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ ја закочува идејата Република Северна Македонија да влезе во Европската унија“, заклучи Балкоски.