ВМРО-ДПМНЕ: Развојната банка сега ја води докажан професионалец во областа
ВМРО-ДПМНЕ денеска со соопштение реагираше на прес-конференцијуата на СДСМ за новиот директор на Развојната банка.
„Сега на чело на Развојната банка е кадар кој е докажан професионалец во областа на развојното банкарство“,, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека кога станува збор за образованието, Ефимија Димовска е и стипендист и најуспешен постдипломец во генерацијата на еден од највисоко рангираните американски универзитети – Питсбург Универзитетот. Таа е доктор на економски науки и универзитетски професор со забележителни истражувања фокусирани на финансирањето на малите бизниси. Дополнително Димовска е ангажирана и како консултант од Европската Комисија за анализи на финансискиот сектор во земјите од регионот.
Во однос на досегашниот директор, Кире Наумов, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е „истакнат кадар на СДС кој својата кариера ја започнува во Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал позната како Агенција за приватизација во Македонија, поточно институција позната по катастрофалната приватизација“.
„Наумов освен неговата партиска агенда во државните институции нема направено ништо. Дека е само партиски кадар говорат и неговите функции во време на СДС, советник за економски прашања на претседател на влада, советник за економски прашања на претседател на државава, дополнителен заменик- министер за финансии и заменик на министерот за економија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.