ВМРО-ДПМНЕ пред партиски конгрес: Засега еден кандидат за претседател, ќе се носи стратегија „Македонија 2030“


Над 2.600 присутни, од кои што 850-860 делегати и 1.700-1.800 гости в сабота во Кавадарци ќе учествуваат на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој ќе се избира нов претседател на партијата и ќе се донесе важен конгресен документ, односно Стратегија Македонија 2030. Главниот слоган е „Визија што гради држава, за генерација што доаѓа 2030 година“.

„Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.

Тој денес на брифинг со новинарите не откри детали за овој документ, туку само посочи дека во моментов „се рафинираат некои ситни моменти“ и очекува в сабота да го имаат целиот документ што ќе биде претставен на јавноста.

Засега, како што рече, тој е единствениот кандидат за претседател на партијата.

Како што објасни, ова ќе биде до сега најмасовен Конгрес, ќа има и обраќања од неколку сестрински партии, но не повеќе од пет-шест, за да не биде премногу гломазно.

Конгресот ќе се одвива според вообичаено сценарио – од усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство што ќе претседава со самиот настан, усвојување на Стратегијата Македонија 2030, потоа избор на изборна комисија, предлог или предлози за кандидат(и) за претседател, обраќања на дел од делегатите, а ќе се разгледува и извештајот за материјално финансиското работење на партијата.

„За нас е важно што за прв пат како политичка партија немаме долгови и, ако се сеќавам на 2018 година, ситуацијата не беше розева, ниту пак предвидувањата за ВМРО-ДПМНЕ, но во овој момент немаме изложеност кон банки, немаме долгови кои што условно сме ги имале во минатото“, вели Мицкоски.

Во однос на замрзнатиот имот на партијата тој посочи дека станува збор за судска мерка, која што не е поради долг или поради хипотека за комерцијален кредит кон доверител, туку судот, не само зградата, туку и речиси целиот имот на партијата го има замрзнато. Порано беа замрзнати и сметките на партијата, кои се ослободени. Блокадата на сметките била поради побарувања од доверители на кои партијата им должела, но сега нема такви ситуации.

„Во овој момент како партија не должиме, ниту пак имаме било каков хипотекарен кредит“, вели Мицкоски, додавајќи дека со судска одлука имотот на партијата е замрзнат од 2018 година.

„Ние сме владејачка партија 1,5 година, така што сѐ уште сме со тој предизвик“, вели тој.

Според него судот, чека тој предметот природно да застари, иако, како што нагласува, е „тотално неправен“.

„За нас е најважно она што ќе се случува во сабота, тоа е конгресот на партијата“, вели тој. 

На конгресот ќе има претставување на кандидатот, или кандидатите за претседател кој треба да даде визија за следниот период. Потоа е самото гласање, а по паузата следи извештајот на Изборната комисија по што следи изборот на претседателот и членови на статутарната комисија кои што ги предлага претседателот, како и на комисијата за надзор на материјално финансиско работење. На крај, е обраќањето на избраниот претседател.

„Очекуваме да имаме успешен конгрес, по кој многу работи ќе бидат појасни за годините што следат пред нас и до следниот конгрес“, вели Мицкоски.

Деновите по конгресот Мицкоски ќе оди во Брисел на самит ЕУ- Западен Балкан кој што ќе се одржи од 15 до 18 овој месец. Кон крајот на оваа и во почетокот на следната година, пак, првата одлука што ќе биде е негов предлог пред Централниот комитет за новиот состав на Извршниот комитет, кој пак, потоа ќе распише генерален избор за претседатели на општински комитети и други структури на партијата (Унија на млади, Унија на ветерани, Унија на жени, Патриотски институт, …).

Овој комплетен избор на структурите на партијата се очекува да заврши кон крајот на март идната година или во почетокот на април, а потоа во април и мај Мицкоски најави и реконструкција на Владата и на дел од централните институции, процес што треба да заврши пред почетокот на летото, односно пред втората годишнина на оваа влада.

„Тоа би бил составот на луѓе со кои што ќе се подготвуваат за следните парламентарни избори. Ако нема некои позначајни промени, очекувам тоа да биде пролетта 2028 година“, рече Мицкоски. (М.Ј.)