ВМРО-ДПМНЕ обвинува за злоупотреби од 30 милиони евра, УЈП возвраќа дека се загрозуваат започнати истраги
Ново препукување меѓу големите политички партии денеска откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за злосторничка шема тешка 30 милиони евра во која се вклучени луѓе и фирми блиски на власта, а од Управата за јавни приходи ја повикаа опозицијата да се воздржи од шпекулации кои може да наштетат на постапката, како и дека детектирале незаконитости и навреме презеле мерки. Реагираа и од СДСМ од каде што обвинија дека не е првпат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски преку шпекулации и лажни вести да се обидува да загрози истраги од надлежни институции.
Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за нов скандал на власта со кој преку фиктивни фактури и фирми се испумпани до 30 милиони евра како поврат на ДДВ од УЈП, како и дека „Владата ги злоупотребува институциите за профит на блиски луѓе до врвот на СДСМ и ДУИ“.
„Постојат сериозни сомневања дека преку фиктивни фактури се правеле цесии со Управата за јавни приходи каде што директорува Сања Лукаревска, заменик-претседател на СДСМ, на фирми кои што се должници и фирми кои што се побарувачи на данок на додадена вредност, односно преку фиктивни фирми побарувачи и фиктивни фактури од УЈП се испумпани до 30 милиони евра државни пари“, обвинија денес од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски потоа се закани дека доколку МВР и Обвинителството не ги обелоденат имињата на функционерите од СДСМ и ДУИ кои се дел од аферата за фиктивно испумпување на пари од УЈП, тоа ќе го стори ВМРО-ДПМНЕ.
„Постојат докази дека лица вработени во Управата за јавни приходи се повикувани во Министерството за внатрешни работи да дадат свој исказ. Затоа е многу важно дали МВР ќе излезе со детали и ќе го спроведува Законот заедно со Обвинителството за организиран криминал или ние ќе го направиме тоа, ќе го обелодениме во јавноста и тоа во детали со имиња и со точни фирми кои што се дел од ова би рекол злосторничка дружина“, истакна Мицкоски при посета на општина Радовиш одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски додаде дека во аферата се вплеткани високи функционери на СДСМ и ДУИ, објаснувајќи како бил оштетен Буџетот.
„Имаме субјект А којашто е инстант компанија и која што генерира фиктивни побарувања од УЈП за поврат на данок на додадена вредност, и фирма Б ко што долгува на УЈП по основ на данок на додадена вредност. Фирмата А инстант компанија отворено со фиктивни фактури ѝ приоѓа на фирмата Б и ѝ вели ‘дај да се пребиеме со цесија, односно ниту тие мене да ми вратат, ниту вие да платите’. Нормално, со определен надомест“, нагласи Мицкоски.
Од СДСМ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ со шпекулации се обидува да загрози започнати истраги од УЈП и на тој начин го поткопува функционирањето на институциите.
„Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски преку шпекулации и лажни вести да се обидува да загрози истраги од надлежни институции, на ист начин се обидуваа и да попречат акции и истраги на Министерството за внатрешни работи“, реагираа од СДСМ .
Управата за јавни приходи реагираше со соопштение во кое повика опозицијата да се воздржи од шпекулации кои може да наштетат на постапката, како и дека детектирале незаконитости и навреме презеле мерки.
„Управата за јавни приходи најостро ги демантира обидите за шпекулација од страна на опозициската политичка партија и нејзиниот претседател дека УЈП има афера. Јавноста треба да е целосно информирана, граѓаните не треба да се доведуваат во заблуда. Во таа насока, посочуваме дека не станува збор за афера на УЈП, туку станува збор за утврдено незаконско работење сторено од даночни обврзници кое УЈП го детектираше навремено уште во јули 2021 година“, велат од УЈП.
Од таму додаваат дека во интерес на предистражната постапка на Јавното обвинителство, сите потребни материјали и податоци од страна на УЈП се доставени до институциите и дека се преземени сите потребни мерки во насока на заштита на државната каса.
„Управата за јавни приходи е институција со висок интегритет и во истата работат високо ефикасни професионалци кои навремено и ефективно ги извршуваат своите работни задачи. Меѓу другото, раната детекција на незаконската работа кај одредените даночни обврзници е резултат на посветената и професионалната работа на вработените во УЈП. Во таа насока би сакале да ја увериме јавноста дека јавниот и државниот интерес се императив на работењето на УЈП“, се вели во соопштението до медиумите.