ВМРО-ДПМНЕ обвинува за консултант од Израел во кампањата на Пендаровски, од таму демантираат


Фото: Б. Грданоски

Тим управуван од Асаф Еисин, наводниот консултант во канпањата на Пендаровски, според ВМРО-ДПМНЕ се со задача „да склопат и креираат наводни документи, фалсификувани листови, врз определени податоци, (на пример седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во декември, на која е споменат РИШ) па сето тоа да го зачинат, со лажни податоци за имиња, насоки и сето тоа со фалсификување на потписи на лица коишто се познати во јавноста, како и со лица кои што не постојат“.

Од кај Пендаровски ги демантираат овие наводи, па велат „најрешително ги демантираме лажните наводи изнесени на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ во која се обвинува претседателот Пендаровски дека има некаква поврзаност со странски консултанти, а во врска со скандалот откриен од медиумите за активна операција на ВМРО-ДПМНЕ со цел фингирање на анкети заради манипулација на јавното мислење“.

Според наводите во македонските медиуми, ВМРО-ДПМНЕ, немајќи реална политичка понуда, планирале противзаконски активности за манипулација на изборите преку креирање на лажни вести, злоупотреба на јавниот сервис, притисоци врз јавната администрација, или со други зборови, практикување на старите навики на партијата која ја имаше заробено државата со години, наведуваат од кај Пендаровски.

– Во врска со оваа афера, очекуваме Јавното обвинителство да ги испита сите наводи изнесени во медиумите, а, за изнесените лаги на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ ќе следува тужба за клевета – најавија од таму.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека имаат основано сомневање дека зад таквата мрежа за фалсификување на документи и лажни вести кои веќе се употребуваат против ВМРО-ДПМНЕ се брутално злоупотребени најмалку две државни институциии.

– Шемата и нашите основани сомневања се дека зад ова седи директно Стево Пендаровски, неговиот директор на разузнавање Еролд Муслиу како и поранешниот разузнувач, а сега генерален секретар на СДС Миле Зечевиќ. Дел од ова е и Асаф Еисин, мешетар дел од израелска група на Тал Ханан за која има истраги за фалсификати и вмешаност во избори низ светот. Да потсетиме Стево Пендаровски кажа дека Асаф работи за СДС, а СДС тоа го негираше. Посредник е Миле Зечевиќ, генерален секретар на СДС, а главни одобрувачи и добавувачи се  Стево Пендаровски, претседател на држава, сега кандидат на СДС,  и Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање поставен од Стево Пендаровски – рече Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција..

Сметаат дека на тој начин  се преминува во злоупотреба на институции, Кабинет на Претседателот и Агенцијата за разузнавање, кои што наместо да работат во одбрана на Македонија, се занимаваат со црна кампања и фалсификување за Стево Пендаровски.