ВМРО-ДПМНЕ повторно не го поддржа проектот БРТ во Скопје
За брзиот автобуски систем гласаа само 14 советници
Повеќе од 20 пати советниците во Градот Скопје имаа можност да гласаат за набавка на нови автобуси за сообраќајното претпријатие, за кои е потребен кредит, но и за Бас рапид транзит системот, кој беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов и за кој Собранието донесе закон, а државата се задолжи кај ЕБОР, но скопјани сѐ помалку користат јавен превоз затоа што автобуси не доаѓаат според планот.
На денешната седница само 14 советници гласаа за поддршка на БРТ системот, меѓу кои советниците од СДСМ, но не и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема да го поддржиме овој предлог за воведување на БРТ системот, затоа што без разлика што постојано нѐ обвинувате дека немаме став, нашиот став е дека граѓаните не го поддржаа овој систем, затоа и ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи“, рече Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната седница, се разговараше за БРТ системот, кој е едно од решенијата за намалување на сообраќајниот хаос во главниот град, а ова е трета година како не се спроведува и се плаќаат пенали. Парите за БРТ стојат, а од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира.
„Имаме готов проект за БРТ, за кој има пари и во сумата се вклалкулирани и 50 нови автобуси. А за тој проект, кој е одобрен плаќаме пенали. Инаку потребен е нов концепт за јавен превоз, не само набавка на нови автобуси. Она што му е потребно на Скопје и на сите кои го користат јавниот превоз е нов концепт за брз, ефикасен и еколошки превоз“, рече советничката од СДСМ Љубица Јанчева. Таа смета дека со набавка на нови автобуси кои би сообраќале по старите траси, проблемот со јавниот транспорт нема да се реши. Одговори и на прозивките дека со изградба на трасата на БРТ ќе се уништело средишното зеленило, затоа што планот предвидува засадување зеленило на голем дел од трасата.
Гордан Шутаров сакаше да знае до каде е поправката на 30-те автобуси од ЈСП, затоа што септември, односно почетокот на учебната година, а беше ветено од директорот на сообраќајното претпријатие.
– Кај Советот на град Скопје избран во 2021 година лежи одговорноста за јавниот превоз во однос на ново модерно еколошко трансформирање од сегашниот јавен превоз, нешто сосема ново што ќе одоговори и ќе ги задоволи потребите на граѓаните на градот Скопје, истакна советникот на СДСМ Гордан Шутаров на денешната седница на советот на Град Скопје.
Шутаров, побара став од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која партија сега ја практицира централната власт, бидејќи за проектот БРТ има донесено закон во Собранието. Овој проект е одговорност на оваа централната власт, не може да нема став за нешто за што се добиени пари, течат камати за неисполнување на обврските, кои владата треба да ги плати, за проектот којшто треба да добие зелено светло од Советот на град Скопје, рече Шутаров, додавајќи дека финансиските обврски за БРТ, кој е европски проект, стануваат оптоварување и за град Скопје и за владата – реќе Шутаров.
Дополнително, беше договарано возниот ред да биде реален, односно да не стои на него дека одреден автобус доаѓа на десет минути, а него го нема цел час. Советниците беа на мислење дека возниот ред треба да соодвествува на реалното доаѓање на автобусот.
Драгана Велковска смета дека договорот за БРТ е постигнат без јавна дебата, исклучително нетранспарентно, зад затворени врати и смета дека е БРТ решението е натурено, а нема стручна студија за неговата оправданост. Таа смета дека зелениото кое ќе биде уништено е повеќедецениско, а не може да се замени со нови садници. Таа побара основна студија и кога ќе може да биде изработена, па за неа да се дискутира.
Претходната недела, премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за локална самоуправа Златко Перински остварија средба со Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.
Другиот ден Мицкоски рече дека ќе ги замоли советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следната седница на Советот на Град Скопје да ги изгласаат програмите за кои градоначалничката Данела Арсовска тврди дека ги блокираат, но смета дека тоа нема ништо да смени.
„Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат програмите, но, не е до програмите, ќе видите веднаш“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека на 29 август ќе има седница и оти ќе направат сѐ што е до нив, за како што рече, да не биде дека ВМРО-ДПМНЕ кочи. (Б.Б.)