ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа одлуките за вонредна состојба на Пендаровски


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против одлуките за вонредна состојба, соопшти Антонио Милошоски посочувајќи дека причината за ваквата одлука  е што тие биле злоупотребени.

-Ставот на пратеничката група е дека ќе гласаме против овие одлуки за
вонредна состојба од три причини. Првата причина е дека одлуките за вонредна состојба беа донесени за подобро справување со пандемијата, а за жал денес имаме многу полоши состојби во пандемијата.

Втората основа за овие одлуки беше справување со економските последици од пандемијата и денес неколку месеци после овие одлуки за вонредна состојба имаме драстично влошување на економските состојби во државата со многу зголемена невработеност.

Третата причина е што овие два основи на одлуките за вонредна состојба, справување со пандемијата и помош на економијата, за жал владата ги злоупотреби и наместо да носи мерки посветени на овие теми, носеше уредби со законска сила кои што беа злоупотребени за изборен поткуп или за менување на Изборен законик во 5 до 12, или за лиценци за марихуана, за брусење дијаманти и слично. Потврда дека ваквите одлуки за вонредна состојба беа злоупотребени од владата е и фактот што Уставниот суд поништи десетина уредби донесени од владата во тој момент“, рече Милошоски.

Ваквата одлука на опозициската партија беше очекувана и во согласност со начинот на кој таа дејствува во последниот период. Утрово претседателот на Парламентот, талат Џафери, соопшти дека одлуките сепак денес ќе се најдат на дневен ред на седницата на Собранието и ако нема двотретинско мнозинство,  за нив ќе треба да се изјасни Уставниот суд, кој пак во претходна прилика веќе ги одобри како уставни. Во спротивно, тоа би значело сите пари поделени со пакетот економски мерки на компаниите и на граѓаните да мора да се вратат, како и да се поништат сите одлуки донесени за време на корона кризат, што е невозможно.