ВМРО-ДПМНЕ не открива колку се скапи лустерите
Власта бара ВМРО-ДПМНЕ да каже колку чинат лустерите што ги донираше партијата во црква во село Љубанци, а опозициската партија тврди дека тие воопшто не се луксузни, но не кажуваат колку чинат.
„Јас не би рекол дека се луксузни предмети кога станува збор за донација. Тоа е доброволен прилог за кој не е убаво да се фали човек. Се пофалил Тарчуловски дека се донирани два лустера во манастир, и тоа е тоа. Нема да шпекулирам со вредности и цена, не е хумано да се експонира во јавноста за тоа. Нема да навлегувам во она што значи етичност во донации. Доколку органите на партијата одлучат да се соопштат вредноста и цената, тогаш ќе ги соопштиме“, велат од оваа партија.
СДСМ смета дека донацијата на ВМРО-ДПМНЕ е направена под сомнителни околности и потсетија дека имотот на партијата е замрзнат поради судски предмет, како и дека не се дозволени донации за време на кампања.
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски пред јавноста треба да кажат колку чинат и како се набавени скапите лустери? Дали, каде и во кој финансиски извештај ја пријавиле оваа луксузна набавка? Да потсетиме, имотот е замрзнат поради судски предмет пред надлежниот суд, а во ек на кампања не се дозволени донации. Дали криминалниот имот, стекнат на сметка на граѓаните, сега се шверцува на сомнителен начин?“, изјави Костадин Костадинов.
Реакциите следуваат откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, кој е еден од амнестираните за 27 април, јавно на Фејсбук му се заблагодари на лидерот Христијан Мицкоски за донираните лустери.