ВМРО-ДПМНЕ направи пауза со Костадиновска-Стојчевска, сега на ред е Филипче


 

Пред извесно време беше навестено, а последниве денови ВМРО-ДПМНЕ ја почна новата кампања за оцрнување на политичките ривали, со или без факти. Прес-конференциите за трошењата државни пари на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска стивнаа, сега е на ред претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Портапролката на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка Марија Митева, на денешната прес-конференција, како и вчера зборуваше за наводната фирма што Филипче ја регистрирал во Бугарија.

„Ул. ‘Гоце Делчев’ 12, Петрич е адресата околу која се вртат милионите на Заеви и Филипче. Ова е адресата која Венко Филипче сакал да ја сокрие од јавноста кога не ја пријавил својата фирма основана во Бугарија. 

Имено на адресата на која е регистрирана фирмата на Венко Филипче во Бугарија, е адресата на која претходно се регистрирани низа фирми на Заеви, меѓу нив најпозната е ‘Медикал 420 БГ’.

‘Медикал 420 БГ’ е фирмата во чија поддружница во Битола во 2022 биле пронајдени наркотици во вредност од 800 илјади евра, иако на истата фирма една година претходно ѝ била одземена лиценцата“, рече таа.

Според Митева, Фирмата за која Заев потврдил дека тој или блиско лице имаат сопствен интерес е фирмата од која потекнувала и дел од марихуаната која беше запленета во акција на американската агенцијата ДЕА на Плетвар. Во таа акција беше уапсен и полициски командир.

„За овој скандал Албанската ТВ Ора објави дека има прислушувани разговори кои покажуваат дека високи функционери од владејачката коалиција во Македонија во тоа време директно интервенирале за да се оневозможи успешна операција против шверц со дрога преземена од странска агенција. Телевизијата тогаш објави дека бил вмешан и Трајче Заев, братучед на поранешниот премиер“.

ВМРО-ДПМНЕ бара Венко Филипче да одговори дали ја скрил фирмата во Бугарија од анкетниот лист.

Од СДСМ одговорија дека „ВМРО-ДПМНЕ нема да може со стари истрошени лаги да ги прикрива катастрофалните политики и скандалите кои секојдневно ја тресат владата на Мицкоски.
 
Тоа што од белиот дворец ја праќаат Митева да зборува за некоја фирма која никогаш не била активна и нема никакви трансакции, кажува колку е очајна оваа пропаганда на лаги од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Венко Филипче има пријавено сѐ во својот анкетен лист и нема што да се крие од јавноста. 
 
Граѓаните многу добро ја препознаваат манипулацијата на ВМРО-ДПМНЕ но и стравот од претседателот Венко Филипче. Веќе е широко распространетото мислењето дека оваа влада на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е најлошата Влада која Македонија ја имала од осамостојувањето“.