ВМРО-ДПМНЕ најави „ново поглавје“ по конгресот утре


ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18. редовен Конгрес. Овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, со која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство, се вели во соопштението кое по овој повод го објави партијата.

Во него се информира дека на Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030 (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.

„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет.Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија.

Европската десница го афирмира моделот на социјална пазарна економија, систем што ја балансира слободата на пазарот со одговорноста на државата да ги штити ранливите и да создава еднакви можности. Тој модел ја поддржува иницијативата, но ја одбива зависноста; ја охрабрува иновативноста, но ја отфрла злоупотребата; го гради општеството на труд, знаење и фер конкуренција, а не на привилегии и клиентелизам. Во македонски услови, ова значи квалитетно здравство, конкурентно образование, функционални јавни услуги и политики што го задржуваат талентот дома, наместо да го иселуваат.

Современата држава мора да биде ефикасна, транспарентна и отпорна. Владеењето на правото е нејзината фундаментална основа. Администрацијата мора да биде професионална, департизирана и ориентирана кон резултати; судството независно и функционално; институциите доследни на стандарди, а не на вертикали на влијание.Дигиталната трансформација претставува најголемата можност за вистинска реформа: институции што работат преку податоци, алгоритми што ја намалуваат корупцијата, автоматизирани услуги што ја елиминираат бирократијата и системи што ја прават државата побрза, поефикасна и потранспарентна од било кога. Ова не е технолошка агенда, туку визија за современа државност, држава што им служи на граѓаните, а не обратно.

Недостигот на дисциплина во институциите е една од најдлабоките слабости на постсоцијалистичките демократии. ВМРО-ДПМНЕ затоа ја поставува реформската државност како еден од своите централни идеолошки столбови:

– институциите мора да работат според правила, а не според импровизации;

– администрацијата мора да биде професионална, а не партиски зависна;

– политичката власт мора да поставува стандарди, а не да бара исклучоци;

– јавната служба мора да биде предвидлива, ефикасна и транспарентна.

Овој принцип ја претвора државата од „простор на политички судири” во функционален систем – услов за економски раст, правна сигурност и стабилни политички процеси. Реформираната државност е темелот на вистинска европеизација.

ВМРО-ДПМНЕ како Македонска центар-десница е втемелена во философијата дека државата мора да биде силна таму каде што штити, ограничена таму каде што пречи и присутна таму каде што создава јавна добробит.Таа филозофија ги обединува слободата, достоинството, одговорноста и државноста како четири носечки столба.Како генерација ние мораме да обезбедиме стабилна и просперитетна иднина на генерациите што доаѓаат. Сега е нашето време да ја ставиме својата цигла во нашиот заеднички дом – Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ повторно е прва политичка опција која го трасира патот кон иднината. Следуваат нови победи за Македонија и добра иднина за сите“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.