ВМРО-ДПМНЕ: Лустерите не се дел од замрзнатиот имот, со донации не се експонираме


Во екот на кампањата за претседателските избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одлучил дел од луксузните лустери од Белата палата, чиј имот е замрзнат, да ги донира во цркви и манастири. Во еден член од статутот на партијата, стои дека во случај на престанок на партијата, нејзиниот имот преминува во сопственост на Македонската православна црква.

Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека лустерите не се дел од замрзнатиот имот од СЈО, поради што имаат право да постапуваат со нив како што мислат.

„Станува збор за донација во црква за којашто не би сакале да се експонираме во јавноста. Донациите се добар чин и не важно дали подарокот е скап“, велат од партијата за „Независен весник“

Веста за лустерите на својот фејсбук профил ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски. Тој објави фотографии и јавно му се заболагодари на својот шеф за донираните лустери.

„Огромна благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за донацијата од лустери кои се извадени од централниот штаб, а  беа означени како луксуз. Затоа се подаруваат по македонските цркви и манастири. Црквата св. Никола во село Љубанци ќе ви е вечно благодарна“, напиша Тарчуловски од своето родно село.

Фото: Б. Грданоски