ВМРО-ДПМНЕ ќе го слави роденденот на стадионот во Струмица, па после ќе има промени во владата
Премиерот вели дека сака владата да има читиригодишен мандат, но ако биле „предизвикани“ може да одат на предвремени избори
Прво мора да се одбележи родендентот на ВМРО-ДПМНЕ, а дури потоа ќе следат разговорите за реконструкција на владата.
Таков распоред на настаните најави денеска премиерот и лидер на владејачката партија, Христијан Мицкоски, за динамиката на политичките настани.
ВМРО-ДПМНЕ роденденот ќе го слави на 17 јуни на стадионот во Струмица. За време на пуштањето во употреба на Домот за стари лица „Оаза“ на компанијата „Адора“ во Општина Илинден Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ сака редовни избори, но ако партијата биде предизвикана ќе оди на избори пред рокот.
„Следната недела одбележувањето на роденденот ќе биде на 17 јуни во Струмица на стадионот, а после тоа почнуваме разговори со владините коалициски партнери околу реконструкцијата на Владата“, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Тој ги отфрли тврдењата на СДСМ дека Владата ќе оди на избори бидејќи ги потрошила државните парите, Мицкоски рече дека „едното со другото немаат логика“. Премиерот рече дека нивниот став е да нема предвремени избори, дека добиле мандат од граѓаните четири години, но доколку се предизвикани мора да се подготвени.
„Нема да се мешам во нивната стратегија. Знам дека кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене“, рече Мицкоски.
Според најавите од коалициските партнери и Влен и ЗНАМ сакаат да ги задржат своите ресори во Владата, тврдејќи дека нивните министри добро работат. За две места е сигурно дека ќе има нови министри – вицепремиер за добро владеење и министер за социјална политика. За другите не јасно не е јасно дали ќе бидат подложни на ротоација или промени.
Тој ги отфрли критиките за најавите дека во Македонија ќе се отвораат дата центри, за кои е потребна многу струја и многу вода и ги нарече „хистерија“.
„Откако излезе оваа вест забалежувам хистерија кај одредена група луѓе, која има за цел да создаде хистерја во општеството и потоа сите да веруваме дека таа хистерија е точна. Јас сум професор. Сигурно на тие коишто ја предизвикуваат таа хистерија не им е повеќе за оваа држава и граѓани, отколку мене како техничко лице, барем исто. Ако главните пораки од овогодинешниот Светски бизнис форум во Давос беа вештачка интелигенција, а секој инженер знае дека мора да има податочни центри за да функционира таа вештачка интелигенција, а за да тие функционираат мора да има електрична енергија и ако светот својот развој во иднина го темели на тоа, како Влада не можеме да се помириме со фактот дека таа мала група на луѓе која создава хистерија, ќе се обиде повторно да го попречи развојот на државата“, рече Мицкоски.
Според него, Франција е лидер во инвестиции во вештачка интелигенција и во податочни центри. А Америка го темели растот на економијата на вештачката интелигенција и податочните центри.
„Кога излезе веста дека голема американска компанија ќе гради таков дата центар во Хрватска, имаше луѓе коишто реагираа зошто не инвестираат и во Македонија. Кога објавивме дека имаме десетици такви писма со намери коишто сакаат да инвестираат во вакви податочни центри, се појавија неколкумина коишто на социјалните медиуми се обидуваат да направат хистерија“, рече премиерот, порачувајќи дека само со следење на светските трендови ќе се развива државата.