ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог за разрешување на Филипче во Собранието
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе достави предлог одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче заради, според нив, лошиот менаџмент на здравствената криза која што кулуминираше со трагичниот случај на новоизградената болница во Тетово.
Оваа предлог одлука, како што кажа пратеникот Антонијо Милошоски, ја засноваат на членот 68 од Уставот. Слична таква предлог одлука, според него, доставиле пратеничките групи на СДСМ и НСДП во 2013 година.
-Ако претседателот на Собранието Талат Џафери одбие ваква предлог одлука како неоснована, ние имаме едно прашање за него. Дали господинот Џафери е избран од граѓаните кои што треба да ги штитиме или тој е избран за да ги штити министрите? По ваква катастрофа каква што беше горењето на болницата во Тетово, сметаме дека Талат Џафери треба да се стави во улога на заштита на граѓаните и конечно да искаже политичка волја оставката на Венко Филипче да биде констатирана во Собранието, а потоа истражните органи да си ја водат работата кон тоа дали и кој сноси кривична одговорност.
Има и прашања зошто не поднесовмеинтерпелација за Венко Филипче што е исто така уставна и деловничка можност. Одговорот е едноставен: ВМРО-ДПМНЕ пред три години поднесе интерпелација против тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и таа интерпелација Талат Џафери три години ја криеше во фиока, никогаш не дојде на дневен ред. Имаме уште неколку тековни интерпелации поднесено против министри од тековната влада и Џафери сеуште ги чува во фиока и не се дојдени на дневен ред. Затоа, не сакаме да си играме со ваквите можности затоа што Талат Џафери се поставува како заштитник на министрите, како да е министер во Владата, а не претседател на Собранието како граѓански демократски дом, порача Милошоски.