ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ утре ги почнуваат разговорите за соработка
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски вечерва најави дека утре се очекува да почнат разговорите за евентуална соработка со коалицијата „Вреди“ околу идната влада.
Муцунски не очекува веднаш да се постигне договор, иако договорот, како што рече, е извесен „доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните“.
Според него, се уште не е разговарано со „Вреди“ за конкретни прашања и барања во однос на нивно евентуално учество во идниот владин состав.
-Утре ќе почнат разговорите. Секако, уверен сум дека нема да се дојде до заеднички јазик веднаш на првиот состанок. Ќе се претстават позициите на двете страни, ќе видиме какви ќе бидат гледиштата, но доколку имаме меѓусебна добра верба, доколку сме реални за очекувањата и доколку сме фокусирани на креирање политики во интерес на граѓаните да ја вратиме надежта во оваа безнадежна држава, безнадежноста којашто беше, јас би рекол, главен симбол на последните седум години од владеењето на СДСМ и ДУИ, тогаш ќе најдеме заеднички јазик. Оптимистички е да се рече дека утре тоа ќе го успееме, но верувам дека брзо ќе најдеме конкретен план, изјави Муцунски за Алсат.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ веќе презема конкретни мерки за формирање на контурите на изгледот на идната влада. Очекувањата се дека и без поголем политички субјект може да се стигне до 61 пратеник, бидејќи, оцени, се повеќе пратеници во моментов сакаат да бидат дел од мнозинството.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одржа средба со партиите од коалицијата „Твоја Македонија“ од кои рече дека добил поддршка за почнување преговори за состав на идната влада.