ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ги почнаа преговорите, Ахмети претстави што потпишал со Таравари
Нема никакви детали за што разговарале идните партнери. Ахмети прочита документ со кој албанските партии се обврзале да не влегуваат во влада ако нема уставни измени
Врвот на ВМРО-ДПМНЕ денеска отиде во канцелариите на албанската опозиција „Вреди“ во Скопската чаршија за официјално да ги почне преговорите за составување на новата влада. Со Христијан Мицкоски беа четворицата потпретседатели на партијата, а од „Вреди“ четворицата лидери.
Во исто време во скопскиот хотел „Холидеј ин“ Али Ахмети пред челниците на „Европскиот фронт“ и присутните во преполнетата сала прочита еден документ за кој рече дека е политичка декларација која била потпишана заедно со лидерите на „Вреди“ на 13 јануари годинава, а во која тие се обврзале да соработуваат само со политички чинители кои се согласни за вметнување на Бугарите во уставот. Со оваа политичка интервенција Ахмети и луѓето од „Фронтот“ се обидуваат да ги попречат разговорите за идната влада и дополнително да ги стават во непријатна ситуација албанските опозиционери.
Состанокот на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ траеше неколку часа, а од средбата имаше само многу кусо соопштение за тоа кој присуствувал на разговорите, а за суштината на размената на мислењата се наведени само две реченици:
„Договорени се општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи и на тоа ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање“.
Повеќе различни информации стигнуваат до јавноста околу она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ и она што го бара „Вреди“. Наводно, веројатниот иден премиер, Мицкоски, е подготвен да понуди четири до пет министерски места, а од „Вреди“ барале пет до шест и плус претседател на Собранието. Непознато е какви би биле овие пропорции доколку и партијата ЗНАМ влезе во коалициската влада.
Додека од левата страна на Вардар се преговараше за можната коалициска влада, од десната Али Ахмети му се заблагодари на членството за успешните избори и за довербата која ја добиле од електоратот со кој станале втора политичка сила во земјава.
Тој го прочита документот потпишан на 13 јануари. Во него меѓу другото стои:
„Имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ“.
Ахмети во обраќањето изјави дека „Европскиот фронт“ ќе биде столб за мирот, безбедноста и стабилноста во земјава, дека емоциите треба да се остават зад себе и дека е потребно да се направат напори за да се направат цврсти структури на државата со овие капацитети и токму „Европскиот фронт“ ќе биде носител на процесите на земјата за да се зачлени во унијата.
„На 13 јануари заедно со господинот Таравари го потпишав овој договор. Ние сме многу рационални и сме убедени дека повеќе од кога било треба стабилност, мир, добри односи меѓу заедниците, потребни се нула проблеми со соседите и целосно членство во Европската унија“, рече Ахмети.
Многу е извесно дека презентирањето на овој документ и пораките на Али Ахмети ќе имаат мало влијание врз двете политички структури кои ги кројат принципите за идното владеење. (Н.В.)