ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат кој повеќе го урнисувал РЕК Битола


Двете водечки партии во земјава, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ со партиски соопштенија и прес конференции се обвинуваат меѓусебно за состојбите во РЕК Битола и за причините зошто доаѓа до испади во комбинатот и до прекини во производството на електрична енергија.
Од СДСМ велат дека во август 2017 година кога новото раководство го презеде АД ЕСМ во РЕК Битола среде лето имаше 70 илјади тони јаглен на депонијата.
„Наводите за некаква претходна спремност на раководството од ВМРО ДПМНЕ е без никаква основа и спротивно на фактите. Големите поплави кои во 2020 го зафатија рудникот на РЕК Битола и натчовечките напори на вработените во услови на пандемија да го вратат ископот на јаглен не заслужуваат партиски препукувања преку нивната жртва и труд“, велат од СДСМ.
Што се однесува до откривките на јаглен, од СДСМ велат дека не е точно дека оставиле подготвен терен за чист ископ, напротив, откривките, односно ископот на јаловина во 2017 година  беше во минус во однос на тоа што требаше да биде постигнато во дадениот момент.
„Во 2017 година, поранешното раководство на АД ЕСМ го прекина договорот за модернизација на Блок 1 со фирмата од Германија. Тоа е истиот блок кој сега јавува најчести дефекти, како што е случај со денешниот“, се посочува во реакцијата, при што се додава дека во последните три години се направени и капитални ремонти, за чие редовно извршување роковите беа истечени и истите не беа направени од страна на директорите поставени од ВМРО ДПМНЕ.
 
Во однос на вработеноста, бројките покажуваат дека бројот на вработени во АД ЕСМ само се намалува. Денес истиот изнесува 4.482 вработени, додека во 2017 бројот бил 4.892. Така што јасно се гледа кој имал намера да врши партизација и кој вршел партиски вработувања на државно ниво.
 
Од СДСМ велат и дека останува веќе 4 години неодговорено прашањето од страна на Христијан Мицкоски: зошто како генерален директор на АД ЕСМ, а претходно како принудна управа во РЕК Битола во својство на советник на Груевски, во јануари 2016г набави електрична енергија по цени повисоки и од 200е/MWh,  во време кога немаше енергетска криза во Европа и кога цените беа во нормален распон, од 50 или 60 е/MWh. Истото прашање треба да го одговори и Гордана Димитриевска-Кочовска, која му беше директор за финансии на Мицкоски во АД ЕСМ, посочуваат од СДСМ.
Оваа реакција доаѓа по обраќањето на Гордана Кочоска Димитриеска, која обвини дека никогаш во историјата на РЕК Битола рударско енергетскиот комбинат не бил надвор од функција во сред грејна сезона и енергетска криза, кога цените на струјата на светските берзи рушат рекорди.

„Дури и со санирање на оштетувањата, РЕК има проблеми, на депонијата, како што официјално кажаа од власта има само 40,000 тони јаглен, тоа е гориво потребно само за 2-3 дена и тоа без комплетна работа на сите три блока“, рече Кочоска Димитриеска. 

Таа рече дека при промена на власта во 2017 година оставиле откривка и јаглен спремен за ископ од околу 5,5 милиони тони што е еднакво на потребна количина за полн капацитет за следните 10 месеци.

„Оставивме 25 милиони евра депозити, 8 милиони евра на сметки, нула доспеани обврски, ремонтирани блокови, полни акумулации и огромни завршени инвестиции во хидро и термо опремата“, рече Кочоска Димитриеска, додавајќи дека секој почеток на грејната сезона бил пропратен со најмалку 200,000 тони јаглен на депонија.

Но, како што вели, откриениот јаглен бил потрошен а нова откривка не била направена.

„Машините во рудниците тонат во вода. Водата од акумулациите ја истрошија сосема непланирано. Санација на електростатските филтри, како и десулфуризација не направија, нова помошна механизација во текот на 4 години не набавија, но затоа цутеше бизнисот за приватни ангажирања на компании кои се возеа низ РЕК Битола“, вели Кочоска Димитриеска, додавајќи дека резултат е рекордно намалување на годишното производство на електрична енергија, намалување на приходите и зголемување на трошоците.

„Ако во јануари 2017 година имавме интервентен увоз на струја кога надворешните температури беа до -27 степени  и јаглен не можеше да се копа и имаше криза во енергетскиот сектор во Европа, денес имаме се уште високи температури и интервентен увоз кој е многу поскап од оној во 2017-та кога беа најтешки услови во рудниците“, рече Кочоска Димитриеска.