ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ избегаа од резолуцијата за ОВК


Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја блокираа резолуцијата за поддршка на водачите на косовската ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – на кои Судот во Хаг им суди за воените злосторства. Резолуцијата беше поднесена од Европскиот фронт предводен од ДУИ и иако ја поддржаа расправата, пратениците на ВРЕДИ не ставија потписи на неа.  Поради нивното отсуство, во Комисијата за надворешна политика немаше кворум за резолуцијата да биде ставена на дневен ред.

Опозициските пратеници Албанци обвинија дека отсуството на пратениците Македонци е тенденциозно и најавија дека нема да се откажат „резолуцијата за почитување на стандардите за правична постапка во меѓународното судење на поранешните раководители на косовските институции“ да ја стават на дневен ред.

„Отсуството не е случајно бидејќи се работи за многу чувствителна точка. Отсуството на пратениците по етничка основа е за да се саботира работата на Комисијата и резолуцијата да не биде ставена на дневен ред. Ова е организирано отсуство. Комисијата има надлежност да одлучува за резолуцијата и вие како претседавач треба да го истакнете тоа. Резолуцијата е во насока дека е постигната слобода за цел народ, а другите сакаат да ги изедначат жртвите и агресорите. Србите биле агресори. Тоа беше праведна борба и никој не може да ја оспори. Во Судот во Хаг се прави неправда на тие што извојуваа слобода. Пратениците кои се отсутни требаше да дојдат и можеа да кажат дали се против резолуцијата, а не да ја саботираат на недемократски начин. Некоректно е бидејќи дојдоа до вратата на Комисијата и не влегоа“, рече пратеникот Скендер Реџепи.

Реџеп Исмаил од Левица рече дека се претпоставувало дека ќе се случи ваква ситуација бидејќи Левица една година се обидува декларацијата за Палестина да дојде на дневен ред.

-Претседателот на комисијата не ја става на дневен ред. Вие сите игравте по тактиката на претседателот, со тоа што ако не се најде на дневен ред, нема да се најде ни на пленарна седница. Во иднина попринципиелно да се водат комисиите зашто сега истото се случува и со вашиот предлог, им рече Исмаил.

Претседателот на Комисијата, Муса Џафери, рече дека тој нема право на вето, односно тој не одлучува за точките на дневен ред и тврди дека резолуцијата за Палестина ја ставил на дневен ред, но дека таа не поминала.

-За декларацијата за Палестина отсуствуваше политичка волја кај пратениците кои се мнозинство, но и кај другите пратеници. Политички став е да не се изјаснат и да апстинираат од Комисијата, рече Џафери.

Илире Даути од Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села рече дека има тенденција да се оцрни војната која била за слобода и за независност.

– Со резолуцијата ќе му кажеме на светот дека знаеме да се бориме за правдата, ќе кажеме дека таа била чиста војна. Но, ова е класично игнорирање од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Беа убиени 1.133 деца во шовинистоичката војна на Србија, беа силувани 20.000 жени и девојки и 6.000 лица се исчезнати. До денес 1.600 не се знае каде се. Ве молам, дебатата да биде во врска со ова прашање. Игнорантскиот однос на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ е недемократски. Обврзани сме во деновите кои следат да се обединиме и да се донесе резолуцијата и со тоа да се соединиме со веќе донесените резолуции во Албанија и во Косово, бидејќи ова е многу заначајна и болна тема. Сега се суди на независноста на Косово. Хашим Тачи ја прочита деклараџијата за независно Косово. Станува збор за една од најправедните војни во светот. Сите војни кои Албанците ги воделе биле за да се заштитат децат, жените, не дозволувајте да се девалвира дебатата, рече Даути.