ВМРО-ДПМНЕ еден ден вели едно за хеликоптерите, а утредента друго, изјави министерката Петровска


Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Тетово на новинарско прашања повтори дека процедурата за набавка на осум хеликоптери е согласно законската регулатива, иако од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека сега е предизборен период. Таа смета дека има разногласие во ВМРО-ДПМНЕ по оваа прашање.

„Пратеникот Драган Ковачки на Комисијата за одбрана и безбедност јасно кажа дека иако имаат бројни прашања тие сепак ја поддржуваат оваа иницијатива, а веќе наредниот ден пратеникот Александар Николоски од истата таа партија вели дека бара повлекување на процедурата. Процедурата апсолутно нема да биде повлечена, законот не е прекршен таа ќе биде спроведена до крај затоа што набавуваме опрема којашто е потребна на македонската Армија и која е дел од планот за модернизација. Веројатно можеби тие планираат ако дојдат на власт овие пари да ги пренаменат повторно за некој проект од типот на ‘Скопје 2014’, а токму тоа е една од причините поради која нема да дојдат на власт“, изјави министерката Петровска.

Петровска повтори дека сега е дојдено до оваа фаза на набавката, која била почната пред неколку години, при што се поминати сите чекори кои се потребни и се согласно законската регулатива.

„Нема ништо спорно и нема ништо криминално како што се обидуваат да го извртуваат тоа едноставно ова е дел од големиот процес на модернизација за којшто постојано зборуваме обновување на капацитетите на македонската Армија. Тоа што на нив им пречи инвестирањето во одбраната е сериозен проблем заради тоа што за една политичка партија која тврди дека има НАТО и ЕУ аспирации и особено дека го поддржува во нашето членство во Алијансата да се противи на модернизацијата во Армијата и на сè тоа она што е позитивно навистина според мене е недозволиво“, посочи Петровска.

За неа изјавите дека било расфрлање и расипништво вложувањето во хеликоптерите е загрижувачко.

„Набавуваме хеликоптери кои се на западна платформа, модерни и ги имаат сите перформанси кои треба да ги поседуваат едни современи воздухоплови. Тие се одбрани во процедура, јас имав пред Комисијата за одбрана и безбедност презентација, пред новинарите во Скопје брифинг, апсолутно сум подготвена ако има некое дополнително прашање и објаснување уште еднаш да го повториме“, рече таа од Тетово.

Министерката Петровска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Тетово присуствуваа на презентацијата на воена опрема и вештини на припадниците на Армијата, во рамки на Отворените армиски денови коишто се организираат во повеќе градови низ државата по повод 4-годишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата. (МИА)