ВМРО-ДПМНЕ бара увид во договорот со „Бехтел и Енка“, а не дојде на координацијата за тоа


 

Денес претседателот на Собранието Талат Џафери, одржа редовна координација на која, согласно воспоставената пракса во неговите мандати, се покануваат координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии претставени во Собранието.

Една од точките на Дневниот ред беше и претставувањето на Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д пред пратениците во Собранието. Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, Договорот ќе се разгледува на седница на комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.

Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација, таа да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста.

На 19 април девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат, упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави на увид Договорот. Еден ден потоа од Владата најавијадека владини претставници и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат деталите од договорот, во соодветна собраниска процедура и пред пратениците кои имаат безбедносен сертификат. 

Откако минатата недела премиерот Ковачевски рече дека испратил писмо до претседателот на Собранието, со кое го информирал дека тимот на Владата е подготвен веднаш да оди и да го презентира Договорот на комисија или тело кое што ќе го определи Собранието, се чекаше од денешната координативна средба во Собранието конечно да произлезе договор и одговор до Владата во кое тело/комисија ќе се реализира тоа и кога.

Според Законот за класифицирани информации постојат четири степени на класификација: највисокиот е „државна тајна“, потоа „строго доверливо“, „доверливо“ и „интерно“. За класификацијата „доверливо“ со која наводно бил означен Договорот, законот не предвидува можност таква класификација да се создаде заради економски, односно стратешки инфраструктурен интерес, ниту пак такво право е предвидено за интереси на приватна компанија или конзорциум.

„Класифицирана информација со степен ‘доверливо’ е информација создадена од државните органи, органи на единиците на локалната самоуправа и други институции која е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија, а чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Македонија“, се вели во законот.