Николоски се жали: Никој од про-опозициските кандидати за претседател до денес не ја поддржал Силјановска


 Четирите про-опозициски кандидати за претседател до денес ја немаат поддржано Силјановска Давкова,  изјави денес Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, неколку помали политички партии од македонскиот кампус кои му слугуваат на Али Ахмети, свесно или несвесно.

„Има неколку помали политички партии од македонскиот политички кампус кои му слугуваат на Али Ахмети свесно или несвесно и му прават услуга, но дури и со нивното слугување пак нема да успее  тактиката и стратегијата на Али Ахмети. Ако видите во првиот круг имаше седум кандидати за претседател, во вториот нормално влегуваат двајца според Уставот, од останатите пет кандидати еден беше провладин тоа е Бујар Османи и четири беа про-опозициски. Овие четири до денес ја немаат поддржано Гордана Силјановска Давкова што е најнормалната работа да ја направат ако се опозиција. Што значи дека или немаат елементарно чувство за државата или се заслепени од сопствениот неуспех и тоа што не можат да си го признаат неуспехот, или пак свесно или несвесно работат за ДУИ и Али Ахмети односно за власта“, дециден е Николоски.

Тој потенцираше дека овде првенствено мисли на Левица и ЗНАМ,а во ист кош го стави и Стевчо Јакимовски.

„Со нападите кон Силјановска Давкова се постројуваат со СДСМ и ДУИ, затоа и по изборите ќе бидат на иста страна со нив. Мислам тука на Левица и ЗНАМ“, заклучи Николоски.

Тој исто така повтори дека со Ахмети е исклучена секаква соработка во било која варијанта, во која било која форма и  на било кој начин.

„Ние сме многу сериозни дека ДУИ ќе оди во опозиција, јас сум свесен дека до првиот круг најголем дел од политичката елита и дел од граѓаните во Македонија мислеа дека блефираме и дека го правиме тоа за политички поени. Свесен сум дека во овој момент има граѓани кои сеуште мислат дека ова го правиме како политичка игра, но ние ова ќе го реализираме и нашата поддршка после изборите ќе расте затоа што ќе видат дека го држиме зборот како што го одржавме дека нема да има измени на Уставот под бугарски диктат и немаше“, истакна потпретседателот и носител во ИЕ 4 од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Николоски продолжи и додаде дека завчера во Струмица имало огромна енергија и најави дека разликата во Струмица ќе е поголема.

„Завчера на 30ти имавме прекрасен митинг во Струмица, огромна енергија и еве да најавам оттука, во првиот круг разликата беше 2,800 гласа разлика, а во вториот круг и за претседателски и за парламентарни ќе е поголема од 2,800 гласа“, вели Николоски.

Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ очекува на парламентарните избори да е над 400,000 гласа и додаде дека Силјановска Давкова ќе оди над 450,000 гласа.

„Реално е да се очекува да на парламентарните избори да сме над 400,000 гласа. Прво тоа ќе е резултат освоен од опозиција, второ од најтешка опозиција било која политичка структура што ја имало во државава и трето на различен попис. Ние до овој попис мислевме дека имаме два милиони и сто илјади жители, но овој попис ни покажа дека имаме еден милион и осумсто илјади жители“, истакна Николоски.

Николоски потенцираше дека гласачите кои гласале за дел кандидати за кои мислеле дека се опозициски сега се свестуваат дека се лажни опозициски кандидати и сега ќе гласаат за правиот опозициски кандидат тоа е Гордана Силјановска Давкова.

На новинарско прашање за СДСМ и кампањата за вториот круг на претседателските избори, Николоски направи паралела со 2019 година.

„Официјално СДСМ не повикуваат на бојкот, водат некоја проформа, но суштински не гризаат на терен. Да, тоа може да донесе неуспешни претседателски избори. Само за споредба, во 2019 години во вториот круг беше поверојатно дека ќе изгубиме отколку дека ќе победиме, па водевме најактивна кампања видено било кога. Професорката порасна за 60.000 гласа меѓу двата круга. Овие ќе одат само надолу. Македонскиот народ е свесен и ќе излезе во голем број. Нема да успеат стратегиите на  Ахмети за бојкот на изборите“, вели  Николоски.